Соопштенија

Понеделник, 8 октомври 2018 година

Пратеникот Китев на Есенската сесија на ПССЕ

Од 8 до 12 октомври 2018 година во Стразбур, Франција, ќе се одржи редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која ќе учествува г. Бетиан Китев во својство на шеф на Делегацијата. 

Според агендата која ќе биде усвоена на почетокот на сесијата, пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе дебатираат за странското финансирање на исламот во Европа и за радикализација на мигрантите и заедниците на дијаспората, за непречен пристап до државите членки од страна на телата за следење на човековите права на Советот на Европа и Обединетите нации, како и за договарање во кривични постапки. 

Како актуелна точка на дневниот ред ќе биде ставена дебатата за „Советот на Европа - организација во криза". Другите точки на агендата вклучуваат третман на палестинските малолетници во израелскиот правен систем, миграцијата од родова перспектива, повторното обединување на семејството во земјите членки и еднаквоста во приватниот живот, без оглед на сексуалната ориентација, нуклеарната безбедност и безбедноста во Европа, како и несреќата на полските воздухопловни сили кои ја превезуваа полската државна делегација во април 2010 година.

Предвидено е да се дискутира и за улогата на националните парламенти во успешните процеси на децентрализација, а свое обраќање ќе има претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

Пред пратениците во Парламентарното собрание ќе се обрати министерот за надворешни работи на Тунис и заменикот на премиерот и министер за надворешни и европски прашања на Хрватска, во својство на претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа. Генералниот секретар на Организацијата, како и вообичаено, ќе одговора на прашања од пратениците. 

На специјална церемонија на пленарната седница во понеделник на 8 октомври ќе биде прогласен и победникот на наградата за човекови права „Вацлав Хавел" за 2018 година од листата со тројца кандидати.

Во текот на сесијата се очекува шефот на Делегацијата, г. Китев да оствари и  билатерални средби со шефовите на украинската и на канадската делегација. 

Click