Соопштенија

Понеделник, 30 септември 2019 година 

Собраниска делегација на есенска сесија на ПССЕ

На есенската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа која од 30 септември до 4 октомври 2019 година, ќе се одржи во Стразбур,Франција,  учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во состав Бетиан Китев, шеф и Шпреса Хадри и Никола Попоски, членови. 

На оваа сесија, на пленарна седница пратениците ќе гласаат за резолуција по извештајот  за Пост моноторинг дијалогот на Советот на Европа  со Република Северна Македонија, кој опфаќа прашања врзани со развојот на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права во земјата.

Според агендата на сесијата, претседателот на Француската Република, Емануел Макрон ќе има свое обраќање, а потоа и ќе одговора на прашања од пратениците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. 

Францускиот државен секретар за европски прашања, Амели де Моншалин ќе се обрати во својство на претседавач со Комитетот на министрите, а пред Собранието ќе се и обрати Марија Пејчиновиќ Буриќ, новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа.

Теми за кои ќе дебатираат пратениците се заштитата на свиркачите, заедничките стандарди за институциите на народниот правобранител и заштитата на жртвите од тероризам, како и зачувувањето на еврејското културно наследство. Собранието ќе ги разгледува и извештаите за климатските бегалци и миграцијата на трудот во Источна Европа, како и извештајот за придонесот на Банката за развој на Советот на Европа за поинклузивно општество. Точка за која се бара итна расправа е повредата на демократските права и задушувањето  на мирните протести во Руската Федерација како позадина на изборите за градскиот совет во Москва.

Како и вообичаено на почетокот на есенската сесија, на специјална церемонија ќе биде прогласен победникот на  наградата за човекови права „Вацлав Хавел“ за 2019 година - од тројцата кандидати кои влегоа во потесен избор. Наградата се доделува секоја година за особени залагања во одбрана на човековите права во Европа и пошироко и се состои од сума од 60.000 евра, трофеј и диплома.

Click