Соопштенија

Четврток, 10 октомври 2019 година

Собраниска делегација на Годишната сесија на ПС на НАТО во Лондон

Во рамките на редовните заседанија на ПС на НАТО, на Годишната сесија што ќе се одржи од 11 до 14 октомври 2019 г. во Лондон, Обединетото Кралство, ќе учествува Делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на Делегацијата и заменик-членот на Делегацијата Африм Гаши.

Седници ќе одржат петте постојани комисии на ПС на НАТО, кои ќе ги разгледаат предлозите на извештаите и предлог-резолуциите по следниве прашања: реафирмирање на вредностите на НАТО во светло на 70-годишното постоење на Алијансата; Украина: 5 години после достоинствената револуција; граничната соработка; нова нуклеарна ера: модернизација, контрола на оружјето и здружените нуклеарни сили; НАТО вежби - еволуција и научени лекции; развој на безбедноста во Северен Атлантик; економските санкции како средство на надворешна политика; северно-американските и европските приоди кон дигиталните маркети и сајбер-безбедноста; односите Русија - НАТО; вештачката интелигенција и импликациите кон воените сили на НАТО, како и други прашања сврзани со измени на Деловникот на ПС на НАТО. Во рамките на Комисијата за економија и безбедност, ќе се разгледува ревидираниот Предлог-извештај за „Република Северна Македонија - политички промени, пристапување кон НАТО и економска транзиција", по што на Пленарната сесија се очекува усвојување на Предлог-резолуцијата.

Со Годишната сесија ќе претседава Медлин Мун, претседател на ПС на НАТО, а на Пленарната сесија се предвидени обраќања на: Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО; Бен Валас, државен секретар за одбрана на Обединетото Кралство и д-р Алиа Буран, претседателка на Парламентарното собрание на Медитеранот.

ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и обединува 266 парламентарци од 29-те земји членки на НАТО, 53 парламентарци од асоцијативните делегации, 12 од регионални и медитерански партнери, 20 парламентарци од делегациите со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ), како и 10-члена делегација од Европскиот парламент.

Click