Соопштенија

Понеделник, 26 ноември 2018 година

Собраниска делегација на тркалезна маса на високо ниво во Брисел

Делегација на Собранието на Република Македонија,  во состав: Горан Милевски, Ејуп Аљими, Мери Лазарова и Никола Мицевски, на 27-28 ноември ќе учествуваат на втората тркалезна маса на високо ниво во Брисел,  на покана  на  претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

На тркалезната маса, на која се поканети и пратеници од Парламентите во Регионот, ќе се расправа за  евроинтегративните процеси во Регионот, за реализираните реформи за секоја земја поединечно, како и за  билатералните прашања и добрососедските политики на Западен Балкан.

За време на посетата на Брисел, пратениците ќе остварат средби со своите колеги од Регионот,  како и со повеќе влијателни европратеници, меѓу кои и известувачот на Комисијата за надворешна полититика на европскиот законодавен дом, Иво Вајгел.

Исто така,  собраниската  делегација  ќе присуствува и на пленарната седница на Европскиот парламент на која ќе се расправа по Извештајот за Република Македонија за 2018 година.