Соопштенија

Четврток, 23 мај 2019 година

Учество на пратеникот Китев на Постојаниот комитет во Париз

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Бетиан Китев ќе учествува на состанокот на Постојаниот комитет на 24 мај 2019 година во Париз. Во мај, според принципот на ротација, започнува француското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа кое ќе трае до ноември 2019 година.

Постојаниот комитет  делува во име на Парламентарното собрание меѓу одржувањето на редовните пленарни седници, а го сочинуваат претседателот и потпретседателите на Собранието, претседателите на политичките групи, претседателите на националните делегации и претседавачите на комисиите, односно околу 60 пратеници од 47 земји-членки Советот на Европа.

Состанокот ќе го отвори  претседателот на ПС на СЕ, Лилијан Мари Паскиер а  поздравно обраќање ќе има првиот заменик-претседател на Националното собрание на Франција, г-ѓа Карол Биро-Бонар, по што пратениците ќе разменат мислења со министерот за европски прашања г-ѓа Амели де Монталин, од министерството за надворешни работи и Европа на Француската Република.

На Постојаниот комитет ќе се разгледуваат извештаите на Мисиите за набљудување на претседателските избори во Северна Македонија и Украина.

Според дневниот ред на состанокот, пратениците ќе дебатираат за евалуацијата на партнерството за демократија во однос на Парламентот на Мароко, загадувањето на воздухот и јавното здравје, одржливиот урбан развој и социјалното вклучување, здравствените потреби на адолесцентите во Европа, образованието и културата: нови партнерства за препознавање на личниот развој и способностите.  

Click