Активности

Петок, 20 септември 2019 година

„Бел документ“ за развој и планирање на одржливата урбана мобилност

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Северна Македонија одржи средба со претставници од Парламентите на Република Србија и Република Црна Гора, од Центарот за истражување и креирање политики - ЦРПМ, од ГИЗ - Отворен регионален фонд за енергетска ефикасност и од Факултетот за технички науки – Битола.

Ова беше можност да се чуе до каде стои нашата земја во поглед на урбаната мобилност, а самата средба е показател дека Собранието активно ги следи случувањата на оваа тема и се придружува кон одбележувањето на овогодинешната Европска недела на мобилност. Во таа насока беше претставен т.н. „Бел документ“ за развој и планирање на одржливата урбана мобилност во нашата земја.

Воведни обраќања на темата имаа претседателката на Комисијата за транспорт и врски, Лилјана Затуроска; Самир Мемедов, координатор за Северна Македонија при ГИЗ;  Златко Симоновски, проектен координатор при Центарот за истражување и креирање политики; Александар Дамјановиќ, пратеник во Црногорското  собрание и Стефана Миладиновиќ, пратеничка во Собранието на Република Србија.

„Урбаната мобилност е основата на која лежат заштитата на животната средина, здравите навики и мудрото поврзување на превозните решенија, како на општинско, така и на државно ниво“, истакна Затуроска.

Професорката Јасмина Буневска-Талевска од Факултетот за технички науки – Битола говореше за правната рамка за урбаната мобилност во Северна Македонија. 

Во продолжение, свој говор за предизвиците и пречките на граѓаните за мобилност низ македонската престолнина, имаше проект-координаторот Симоновски, по што следеше дискусија помеѓу присутните.

За да се следи овој тренд, како што рече Затуроска, основен предуслов е да се решаваат проблемите поврзани со мобилноста на населението во градовите, уредувањето и реорганизацијата на градскиот простор, со посебен осврт на сообраќајните проблеми, редизајнот на уличната мрежа и релокацијата на уличниот простор, што се важни теми на развојните агенди и на европско и на светско ниво, а неспорно и во нашата држава. Исто така, важна е и потребата од поактивно вклучување на општините во изработката на плановите за одржлива урбана мобилност, а претпристапните фондови на ЕУ веројатно се најдобрата пригода за да се забрза овој процес.

Состојбата на терен ќе се подобри со заеднички напори на јавните чинители на сите нивоа на локалната власт, како и учество и на приватниот и на невладиниот сектор.

Click