Активности

Петок, 20 септември 2019 година, Вашингтон

Груби, Мисовски и Кузмановска на обука против корупција во САД

Делегација од Собранието на Република Северна Македонија во состав на пратениците Горан Мисовски од НСДП, Артан Груби од ДУИ, и  Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ во Вашингтон присуствуваат на настани и обуки за борба против корупција и транспарентно владеење организирана од Меѓународен републикански институт (ИРИ). 

Потпретседателот на Собранието и пратеник од НСДП Мисовски смета дека е добро што сегашната Влада, за разлика од некои други поранешни влади, не ги става под тепих корупциските скандали.

„Посебен пример е таканаречената афера „Рекет“, кога самиот премиер Зоран Заев ја пријави во Антикорпуциската комисија и во Јавното обвинителство. Ние како Влада и како парламентарно мнозинстви апсолутно имаме единствен став, дека борбата против корупцијата мора да биде на највисоко ниво„ рече Мисовски.

Според него, ако една власт постави високи стандарди за нула толеранција на корупцијата, секоја идна влада мора да ги следи тие стандарди. „Тоа е нешто што нашите пријатели во САД постојано ни ги укажуваат„ истакна тој.

Пратеникот Мисовски истакна дека е убеден дека Република Северна Македонија на 15 октомври ќе добие датум за отпочнување преговори, а на 4 декември на Самитот на НАТО земјата ќе стане полноправна членка на Севрноатлантската алијанса. „Мислам дека нашата земја се движи во вистинскиот правец, па дали добро сме сработиле, тоа ќе го кажат граѓаните на избори идната година„.

Пратеникот Артан Груби истакна дека целта на посетата е обука и конфереција за борбата против корупција и транспарентното владеење.  „Овде сме да научиме од најдобрите американски практики, како федералната влада и локалните власти на САД се борат против корупцијата, затоа по Вашингтон одиме да се запознаеме со антикорупциските практики во градот Индијанаполис„.

Во рамките на посетата пратениците денеска имаат работна посета на американскиот Конгрес. Пратеникот Груби синоќа се сретна со републиканскиот сенатор Рон Џонсон, голем поддржувач и пријател на целиот регион, и со Дејвид Констеланчик, директор на канцеларијата за јужна и централна Европа во Стејт департментот.

Пратеничка Лилјана Кузмановска изјави дека парламентарната делегација учествувала на конференција на ИРИ на која имале средби и со поранешни конгресмени кои говореле за нивните искуства со борба против корупцијата и одговорното владеење.

„Она што беше истакнато е дека корупцијата е процес кој нема да застане, независно колку и какви чекори се прават, но целта е таа да се намали, со нејзино препознавање во сите сегменти во живеењето и во сите нејзини форми, кои се разни – неа ја има и во политиката и во извршната власт. А ние треба да имаме изградени капацитети за тоа да може да се сузбие„, истакна Кузмановска.