Активности

Недела, 12 мај 2019 година

Инаугурација на новоизбраниот претседател на Републиката Стево Пендаровски во Собранието на Република Северна Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, даде свечена изјава пред Собранието на Република Северна Македонија. Со ова Пендаровски и официјално ја презема функцијата претседател на државата.

Пендаровски од собраниската говорница се обрати до сите граѓани, до оние кои учествуваа на изборите и до оние, како што рече, кои останале во своите домови. Пендаровски се обврза дека ќе биде претседател на сите, и на оние кои гласале за него и на оние кои гласале за некој од противкандидатите. Прва работа која ќе ја направи е да подаде рака за соработка кон опозицијата.

„Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните малцинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинствата, а за тоа само законите, најчесто, не се доволни. Политичките разлики меѓу луѓето и партиите ќе продолжат да постојат затоа што се природни и нужни, но, енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус. Тука, мислам, пред сѐ, на нашите евроатлантски аспирации за кои на реторичко ниво постои целосна согласност меѓу релевантните политички субјекти, меѓутоа, модалитетите за нивна реализација во кои веруваме, се различни. Како претседател ќе се ангажирам во дипломатските напори за довршување на процесот за нашето полноправно членство во НАТО, и за време на целиот тек на преговори за членство во ЕУ, во кои ќе инсистирам да бидат вклучени најдобрите умови кои оваа земја ги има, независно дали доаѓаат од редовите на опозицијата, од невладините организациии или од редот на независните експерти“, рече Пендаровски.   

За него два основни приоритета се: постигнување на многу повисоки стапки на економски развој и нулта толеранција за криминалот, корупцијата и непотизмот.

„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка“, заврши Пендаровски. 

Click