Активности

Понеделник, 17 февруари 2020

ИЗЈАВА НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАТА ПО ПОВОД РАСПИШУВАЊЕТО НА ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,

Ве поканив тука за да ве информирам вас, а преку вас и граѓаните на Република Северна Македонија, дека по изгласувањето на одлуката за распуштање на Собранието на 137. седница, синоќа, врз основа на мојата уставна надлежност од Член 67, став (4), каде стои дека Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката, го потпишав Решението за распишување на предвремените парламентарни избори, и истото, врз основа на Член 12, став (2) од Изборниот законик, го доставив до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда. Со оглед на тоа дека предвремените избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања, можам да потврдам дека роковите утврдени од Државната изборна комисија, можат да се испочитуваат.

Почитувани граѓани,

Лидерите го вратија мандатот кај Вас, обврска е на институциите да обезбедат услови за спроведување на фер, слободни и демократски избори на кои Вие ќе го искористите Вашето демократско граѓанско право и обврска. Апелирам до сите учесници на овој изборен процес, политички партии, партиски членови, членови на Избирачките одбори и Општинските изборни комисии, и најважно од сѐ, медиумите, да бидат на висина на својата задача, да придонесат да изборниот ден биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во Извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во месец март, со што ќе дадеме свој значаен удел во позитивниот исход на Самитот во Загреб и да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Впрочем, така ѝ личи на земја која набрзо ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.

Со среќа на денот на изборите, нека биде чесно и достоинствено!

Нека победи гласот на народот!

Ви благодарам на вниманието!

Click