Активности

Четврток, 14 ноември 2019 година

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите согласна: Времето за адаптирање е сега

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на денешната 13. седница одржа Јавна расправа на тема: Родовиот аспект на климатските промени.

На Јавната расправа, покрај членовите на Комисијата и пратениците, беа присутни и претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за животна средина и просторно планирање, локалните комисии за еднакви можности, невладиниот сектор и експерти од областа.

Со Јавната расправа претседаваше Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, а е организирана во соработка со УНДП.

Ана Петровска, државна секретарка на Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи дека Парискиот договор го препознава родовиот аспект и со неговата ратификација сме се обврзале на родово-сензитивните политики. Жените се ранливи и можат да бидат сериозно погодени од климатските промени. 

Министерството работи на правна и стратешка рамка за климатските промени и тие ќе бидат родово сензитивни. Покрај стратегии и закони, се работи и на програми за субвенции за поддршка на жените за зајакнување на нивната улога за справување со климатските промени.

Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика, посочи дека се вклучени во подготовка на Планот за родот и климатските промени, и негова имплементација. Таа го истакна влијанието на климатските промени врз сите нас, кои особено негативно се одразуваат врз ранливите и маргинализираните групи, жените во руралните средини, каде се загрозени нивните егзистенцијални права.

На расправата присутните проследија и кус документарен филм „По дождот“, кој прикажува 4 жени земјоделки, на возраст меѓу 40 и 80 години.

„Иако со различно потекло, секоја има многу различен став кон начинот на кој ја обработува земјата. И покрај тоа, сите тие доживуваат исти стравови и предизвици поврзани со климатските промени. Земјоделството е сектор најранлив на климатските промени. Иднината ќе донесе потопли лета и сè поретко дожд. Ненадејните поројни дождови и град ќе бидат сѐ почести. Климатските промени носат предизвици, носат ризици. Треба да се адаптираме, ако сакаме да опстанеме“ - рече Рангелова.

Потоа следеше презентација на Акцискиот план за родова еднаквост и адаптација/ублажување кон климатските промени на Павлина Здравевска, раководителката на проектот од УНДП, која посочи дека нашата земја е прва во Регионот каде енергетиката и климатските промени се интегрирани во рамки на енергетската заедница. Таа истакна дека климатските промени се родово слепи, не се еколошки, но бараат амбициозен пристап и преземање на политичко водство на неколку полиња.

Пред присутните консултантот Олгица Апостолова ги презентираше заклучоците од истражувањето: Родова перспектива во климатски промени и прикажување конкретни примери. Таа истакна дека на оваа работа треба да се гледа од хумана димензија, каде се бориме на две полиња: дискриминација врз основа на род и негативното влијание од климатските промени, бидејќи двете се кршење на човековото право. 

Апостолова посочи дека ова е еден значителен процес, нашата држава не е само прва во Регионот, туку и пошироко, која во политиката на климатските промени ја има вклучено родовата перспектива, која е еден вид напредна фаза на демократијата.

На крајот од расправата, беа усвоени предложените Заклучоци и Препораки:

  • Собирање родово поделени податоци;
  • Контекстуална анализа на различните улоги, потреби и препреки;
  • Интерсекција на родот и климатските промени во постојната и планираната национална стратешка и законска рамка од двете области (род и климатски промени);
  • Зајакнување на капацитетите на главните чинители од областа на родовите прашања и од областа на климатските промени;
  • Воведување на силни и ефикасни, специфични родово одговорни;
  • Ефикасна имплементација, мониторинг и евалуација (родови индикатори);
  • Соодветна распределба на буџетот за спроведување на политиките;
  • Синхронизација на политиките за родова еднаквост и климатски промени (слепи);
  • Интеринституционална /интер/интрасекторска соработка;
  • Родово одговорни политики, наспроти оние кои се само родово чувствителни;
  • Новите технологии и знаења, како и зголемувањето на свеста  кај земјоделските производители во однос на адаптивните мерки кон климатските промени, треба да се пренесат со активна вклученост на земјоделските советодавни служби како дел од нивните редовни практики во давањето на советодавни услуги за успешно планирање и реализација на земјоделското производство;
  • Новата стратегија за земјоделство и рурален развој треба да го опфати  адаптирањето на земјоделството на новите климатски промени и да ги промовира земјоделските практики коишто се компатибилни со новите климатски услови и истовремено придонесуваат кон зачувување на природните ресурси и руралниот развој;
  • Системите за наводнување да почнат со функционирање во пролетниот период за да можат да се преземаат превентивни мерки против мразот и навремено да започне наводнувањето и повторно да се даде ингеренција на водните заедници за одржување на хидросистемите;
  • Заштитните мрежи, antifrost системите, инсталирањето вентилатори, заштитните фолии - да бидат дел од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој и да се зголеми поддршката за нив;
  • Да развие сеопфатна политика и стратегија дејството против негативните ефекти од климатските промени во согласност со Рамката 2030 на ЕУ;
  • Да се направи закон за почви за да не биде регулирано само со подзаконски акти;
  • Да земеме учество во сите мисии, дебати за акциски планови во ОН за спречување со мигрантскиот и бегалскиот бран од климатските промени;
  • Нашата држава да преземе повеќе меѓународни обврски за хуман третман и да обезбеди повеќе средства и акциски планови, со цел што повеќе жени и деца да бидат заштитени од негативните појави што ќе се појават поради климатските промени;
  • Да препорачаме на другите собраниски комисии да одржат јавни расправи  на тема климатски промени.
Click