Активности

Петок, 20 април 2018 година

Комисијата за култура во работна посета на Македонската опера и балет и Националната галерија на Македонија

Работната група на Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, во состав: Ирена Стефоска, Никица Корубин, Весна Дамчевска-Илиевска, Славица Шуманска-Митева и Крсто Јовановски, на 18 април 2018 година, оствари работна посета на Македонската опера и балет и Националната галерија на Македонија.

На средбата со г. Ќазим Асотиќ, в.д. директор на Македонската опера и балет, членовите на Комисијата за култура се запознаа со состојбата во која се наоѓа оваа врвна институција и предизвиците со кои се соочува при својата работа. Г. Асотиќ истакна дека Македонската опера и балет овој период интензивно се подготвува за годинешниот фестивал Мајски оперски вечери, кој претставува гордост на оваа институција. Најави дека им претстои соработка со Државната опера на Виена, која во октомври ќе ја отвори новата сезона на МОБ со гала оперски концерт. Господин Асотиќ потенцираше дека Македонската опера и балет располага со врвен стручен кадар и одлични ресурси, како што се ателјеата за изработка на костими и сценографии, но имаат потреба од кадар за подготовка  на костимографија и сценографија.

При посетата на Националната галерија на Македонија, директорката Дита Старова-Керими истакна дека оваа национална институција во своето депо го чува најголемото културно наследство на Република Македонија. Во тој поглед, заради зачувување на колекцијата со врвни уметнички дела, Националната галерија има потреба од конзерваторска лабораторија и стручен кадар за конзервација, како и депоа со соодветни услови за чување на уметничките дела. 

Беше извршена посета и на Спомен-куќата на Лазар Личеноски, која е прогласена за културно наследство од особено значење.

Спомен-куќата се наоѓа во руинирана состојба и потребни се средства за санација и уредување на просторот.

Click