Активности

Понеделник, 10 февруари 2020 година

НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ПРЕЗЕНТИРАНА ПРЕД НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Предлогот на Европската комисија за подобрување на методологијата за проширување на ЕУ, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции беше презентиран од страна на г.Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ. Потребата за ажурирање на начинот на кој се водат преговорите за пристапување постои веќе долго време, особено по октомврискиот самит на ЕУ минатата година кога некои од земјите-членки посочија дека сега е време да се донесе нов пристап. Претставникот на Делегацијата на ЕУ г.Васало нагласи дека новата Европска комисија брзо дејствуваше по предлозите на земјите-членки како и сопствените рефлексии за тоа што може да се направи за процесот да биде подинамичен.

При објавувањето на методологијата, европскиот комесар Вархејли јасно стави на знаење дека проширувањето на Западен Балкан е врвен приоритет на новата Европска комисија. Предлогот на Комисијата е добра вест за оние земји кои демонстрираат посветеност во спроведување на реформите за пристапување во ЕУ. Во методологијата се препознава дека членството на земјите од Западен Балкан е геостратешко инвестирање на ЕУ во стабилна, силна и обединета Европа. Новата методологија е базирана на 4 столба: поголем кредибилитет, предвидливост, посилно политичко управување и подинамичен процес. Кредибилитетот ќе се зајакне со посилен фокус на фундаменталните реформи особено владеење на правото кое останува суштинско за успех на европскиот пат. Можеби најважната промена која се предлага со новата методологија е дека преговорите за кластерот “Основи” први ќе се отворат и последни ќе се затворат, а напредокот во овој кластер ќе се следи во текот на целиот процес од преговорите. За да се обезбеди подинамичен процес Комисијата предлага преговорите да се водат во 6 тематски кластери: основи; внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, земјоделство и кохезија, надорешни односи. Според Предлогот на ЕК, процесот на пристапување бара поголемо политичко управување и повеќе можности за политички контакти на високо ново, вклучително и редовни самити со земјите од Западен Балкан. Паралелно со согласноста околу главните елементи на зајакнатата методологија, Европската комисија со нетрпение очекува земјите-членки да се согласат за отворање на преговорите со Република Северна Македонија и пред самитот ЕУ-Западен Балкан на 6 и 7 мај годинава во Загреб. “Сега е време да ги одржиме нашите ветувања” изнесе во обраќањето пред Советот, г.Џулијан Васало. На самитот, Комисијата ќе претстави план за економски и инвестициски развој на регионот, чија цел е да се зајакне присуството на ЕУ во регионот како и да помогне во надминување на јазот во економскиот развој. Европската комисија цврсто останува на препораките за отворање на преговорите со двете земји, и наскоро ќе обезбеди ажурурање на постигнатиот напредок. Од следниот парламентарен состав Европската комисија очекува уште поголема соработка меѓу политичките партии, за да се приближи земјата поблиску до членството во ЕУ. 

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г.Бујар Османи во обраќањето пред Советот, укажа дека стекнувањето на придобивките од членството во ЕУ-просперитет, повисок животен стандард, ефикасни институции, слобода на медиумите, правна држава, држава со еднакви можности за сите - зависат од нас самите и брзината со која ќе ги испорачаме бараните резултати. Динамични, инклузивни и реверзибилни преговори според Османи, се одличен чекор за државата при што укажа на три клучни елементи во однос на методологијата: политичката волја, динамиката на процесот и потребните капацитети. Новата методологија повикува на политички кредибилен, отчетен и транспарентен процес. Институционалните механизами предвидени во методологијата се добра формула за политичка контрола и ЕУ во иднина треба да ги дообјасни истите. Шесте кластери за 33-те поглавја беа оценети како комплексни, но и можност за забрзување на процесот. Според анализата на Секретаријатот за европски прашања во однос на транспонираното законодавство, согласно новото групирање на поглавјата, од вкупно 7632 ЕУ акти (регулативи, директиви и сл.)  транспонирани се 2393 или 31%. Во однос на првиот кластер (фундаменталните принципи) транспонирани се 34% од европското acquis, во внатрешниот пазар 19%, во конкурентноста и инклузивен раст 51%,  во зелената агенда 56%, во  земјоделството и кохезијата 26% и во однос на надворешните релации 15% од европското законодавство. Согласно постигнатите резулати г.Османи искажа уверување дека државата во однос на останатите земји од Западен Балкан, е прва во исполнување на политичките и економските критериуми, како и во транспонирање на европското законодавство. Вистински и предвидливи критериуми се потребни за државата, што впрочем ги утврдува новата предложена методологија на Европската комисија. Беше упатен апел до сите општествени чинители да делуваат во иста насока и во ист глас, а пристапните преговори и членство во ЕУ да бидат клучен стратешки државен проект.     

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции г. Никола Попоски, во обраќањето укажа дека успехот во пристапувањето не е во методологијата за проширување на ЕУ, туку во капацитетот да се размислува и дејствува европски. Квалитетот на кадровската политика ќе биде одлучувачки во која насока ќе се движи државата на патот кон интеграцијата во ЕУ. Во однос на новата методологија, г.Попоски се осврна на повеќе клучни прашања за ефектите и последиците од истата. Според мислењата во јавноста, многу е  важно да се утврди што е ново што се предлага со методологијата, копенхашките критериуми не се изменети, нов е начинот на комуникација каде што за иста работа се јавуваат две различни видувања. Попоски истакна дека целта останува иста, мирот и просперитетот во ЕУ добиваат поголем потенцијал за развој. Беа покренати прашања во кој правец ќе се движи ЕУ по Брегзитот, зошто го посакуваме членството, временската рамка во која државата би се зачленила во ЕУ. Наш интерес е методологијата за проширување побрзо да се усвои од земјите членки, со цел побрзо да започнат преговорите. Попоски констатираше дека брзината на интеграцијата не зависи од статистиката на донесени закони туку од суштинската примена во праксата. 

Потпретседателката на Националниот совет г-ѓа Ивана Туфегџиќ во обраќањето укажа дека обврските кои ќе произлезат од новата методологија ќе ги преземе новиот состав на Собранието, во оваа насока искажа очекување дека Националниот совет за евроинтеграции ќе треба да биде стручно тело каде ќе се водат посуштински дебати за европската иднина на државата. Потребни се реформи во сите сфери на општеството, особено во промената на функционирањето на системот на управување. Соработката на Собранието со Европскиот парламент треба да продолжи преку високиот политички дијалог, како и други форми на соработка,  и секако  во градење на дијалог со Владата. Со оглед на промените во методологијата, г-ѓа Туфегџиќ укажа дека ќе биде потребно да се измени преговарачка структура, со претходно вклучување и на Собранието во овој процес.

На седницата со свои дискусии учествуваа и пратеничките г-ѓа Шпреса Хадри член на Советот, г-ѓа Снежана Калеска Ванчева заменик-член на Комисијата за европски прашања и г-ѓа Лилјана Поповска член на Комисијата за надворешна политика. Во дискусиите се истакна дека шансата за почеток на преговорите е заслужена, новата методологијата треба да се прифати и дека ЕУ треба да утврди фер и предвидливи критериуми кои ќе ги почитува. Државата не ја плашат строги критериуми, туку правичноста во согледувањето на остварените резултати. Беше нагласена важноста од поглавјето за животна средина кое бара знаење, искуство и значителни средства и капацитети.

На седницата на Националниот совет за евроинтеграции беа поканети и Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Делегацијата на ЕУ, амбасадорите на земји-членки на ЕУ, претставници на државни институции и граѓански организации.

  стенографски белешки

Click