Активности

Вторник, 11 февруари 2020

Обраќање на претседателот Џафери на свечената седница по повод Ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието на Република Северна Македонија 

Почитуван претседател на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски,
Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Оливер Спасовски,
Почитувани членови на Владата на Република Северна Македонија,
Почитуван г. Атила Местерхази, вршител на должност претседател на Парламентарното собрание на НАТО,
Почитувани претседатели на парламенти на Република Словенија и Република Бугарија, г. Дејан Жидан, г-ѓа Цвета Карајанчева,
Почитувани потпретседатели и претставници на Парламенти на Република Албанија, Црна Гора и Република Хрватска, г-ѓа Василика Хуси, г. Генци Ниманбегу и г. Мирослав Туѓман,
Почитувани амбасадори,
Почитувани пратеници, 
Почитувани медиуми,
Драги гости, 

Дозволете ми на овој, за нас историски ден, да го искажам своето задоволство што ја имам честа денес како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, да ја водам оваа седница на која законодавниот дом ќе го ратификува Северноатлантскиот договор, јадрото и правната основа на Северно-атлантската алијанса.

Нашиот пат кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Започна во 1993 година, кога тогашното Собрание ја донесе "Одлуката за стапување во членство во Северноатлантската договорна организација - НАТО", со што недвосмислено и одлучно, пратениците како претставници на народот, ја искажаа својата решителност за членство во НАТО Алијансата, и го трасираа патот на тукушто осамостоената држава. Низ годините што следеа, Собранието донесе четири (4) декларации за поддршка и реафирмирање на  интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО, со што повеќе собраниски состави, преку пратеници од различни политички партии или независни групи, покажаа доблест, решителност и висока државничка свест за позиционирање на државата во значајни, трајни и високо вреднувани меѓународни организации како што е НАТО Алијансата.

Почитувани пратеници,
почитувани гости,

Република Северна Македонија, заедно со Република Хрватска и Република Албанија, беше активен чинител и рамноправен партнер во "Јадранската група", која делуваше интегрирано на регионално ниво, со една единствена цел на сите три држави - полноправно членство во НАТО. И покрај нашиот неуспех тоа да го постигнеме на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, со добивањето условена покана за членство во Алијансата, иако разочарани, не бевме поколебани да продолжиме со остварувањето на нашата стратешка цел. Напротив, Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и сите други државни институции, продолжија многу трудољубиво и со многу голем ентузијазам, посветено да работат на реформската агенда поставена од НАТО. Евидентен пример за оваа дводецениска макотрпна работа се годишните национални планови и сојузништвото во мировните мисии на НАТО ширум светот, рамо до рамо со високо обучените и технолошки најразвиените армии на Алијансата, за што до ден денес нашите војници добиваат највисоки оценки за покажаната борбеност, подготвеност и дисциплинираност. Со ова, ние постигнавме win-win ситуација - ја подготвивме Армијата и државата според НАТО стандардите и ги исполнивме НАТО критериумите за членство. Добивката ни е двојна, добивката ќе биде и повеќе од двојна со самото ефектуирање на нашето полноправно членство, по завршувањето на целокупната ратификациона постапка на Пристапниот протокол во последната преостаната земја-членка на НАТО, Кралството Шпанија.

Паралелно со процесите на владино ниво, Собранието на Република Северна Македонија, активно и координирано делува повеќе од 20 години и во парламентарната димензија на НАТО, преку нашите асоцијативни делегации во Парламентарното собрание на НАТО, како активен и ценет партнер во ова Собрание. Самото споменување на седумте Рос-Рот семинари што сме ги организирале во Република Северна Македонија и заедничката соработка во многу други активности со ПС на НАТО, доволно зборува за нашата иницијативност и подготвеност да одговориме на својата улога во ова меѓународно собрание како респектабилен партнер кој ги вреднува и промовира трајните и заеднички вредности на целата Северноатлантска Алијанса.

Дозволете ми во овој контекст, да искажам особена гордост за работата на актуелното Собрание, за покажаната свест, државнички капацитет и грижа за  иднината на нашите генерации, што успеа, надминувајќи ги сите сензитивни моменти, да го зацврсти столбот на нашата меѓународна позициoнираност - да не бидеме повеќе пред вратите на НАТО, туку заедно со нашите партнери, сите 29 земји-членки, на рамноправна основа да делуваме во рамките на Алијансата. Сето тоа, се разбира, немаше да биде целосно и ефективно без актуелното државно раководство - Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на државата, на кои им упатувам достојна почит.

Ги поздравувам и упатувам искрена почит и на сите досегашни парламентарни состави, на сите досегашни влади, на сите досегашни претседатели на државата, сите кои несебично, посветено и со ентузијазам го исполнуваа својот дел од задачата, но најмногу од сѐ, искрено сакам да изразам особена почит кон граѓаните на Република Северна Македонија, што во изминатите речиси три децении на нашата самостојност, непоколебливо покажуваа висок процент на поддршка на патот на нашата држава кон НАТО Алијансата. Наскоро, сите овие напори ќе добијат своја достојна валоризација и гордо ќе можеме да кажеме  - Ние сме НАТО!

 Подигнување на знамето на НАТО пред Собранието

 We Are NATO

Click