Активности

Среда, 18 септември 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на регионалниот настан Б2Б на Стопанската комора на Северо-западна Македонија

Почитуван Премиер Заев, 
Почитуван министер Бектеши, 
Почитуван претседател на Стопанската комора на Северо-западна Македонија,
Почитувани претставници на домашните државни институции и на државните институции на Косово и Албанија,
Почитуван претставник од Канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија, 
Почитувани бизнисмени, 
Дами и господа, 

Имам чест денес да го поздравам во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонијаim овој настан, прв од овој вид во земјата, Регионалниот форум Б2Б, или БизнисНаБизнис и во исто време да искажам пофалби кон Стопанската комора на Северо-Западна Македонија за неуморната меѓутоа и доста значајна работа што вие ја правите.

Прометот на парите е всушност крвотокот на една држава, на едно општество. Прометот на парите на правилен начин и подржан од законска рамка, значи сигурни работни места, отворање на нови работни места и раст и развој, на земјата, на домашните компании и се разбира на семејните домаќинства. Семејства со доволен буџет за одвивање на еден нормален живот за членовите на семејството, значи граѓани во благосостојба, значи среќни граѓани и здрави семејства. Здрави семејства значи млади генерации кои ги уживаат убавините на животот дишејќи слободно, без проблеми и грижи, позитивни, со отворен ум и со визија. 

Драги пријатели,

Знам, сето ова звучеше многу убаво, многу идилично, дури ќе речете и утописки, меѓутоа, не е и така неостварливо. Кога го велам ова, мислам на човечкиот потенцијал, на плодното тло, на географската позиција, на добрите соседски односи, дури и со државата со која до пред некое време немавме ниту вистински дипломатски односи, и тогаш бизнисот и трговската размена наоѓаше начин и беше на највисоко ниво споредено со другите соседи. Мислам на огромната волја и посветеност на Стопанските комори да работат и создадат услови за слободен развој на бизнисот и услугите. За да го направат ова, тие постојано соработуваат со институциите, првично со извршната власт меѓутоа, се разбира дека без законодавецот, не можат да се заокружат иницијативите и предлозите кои што се секогаш и над сѐ, за доброто на граѓаните, на бизнисот, на државата и регионот. Ние, како институции, можеме да го направиме тоа што можеме најдобро, да ги слушнеме предлозите, сугестиите на претставниците на Стопанските комори, да најдеме решение за тешкотиите со кои се соочуваат, да најдеме прифатливи солуции прилагодувајќи ги законските одредби со цел чување на интересот на граѓаните, интересот на бизнис заедницата и се разбира, интересот на државата. Покрај ова, треба да продолжиме со градењето на  уште поинтензивни и посуштински односи со нашите непосредни соседи, како што е Косово, Албанија, чии што институционални претставници денес се тука присутни, меѓутоа и со другите соседи околу нас затоа што знаете како велат, кога имаш добар и искрен сосед, развиен и безбеден сосед, ти можеш да бидеш мирен и спокоен затоа што грбот ти е топол. Јас, во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, меѓутоа и од име на пратениците, можам да ветам дека ратификациите на спогодбите што ги склучува Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, како и досега, ќе продолжат и понатака да се гласаат како и секогаш едногласно и брзо, затоа што политиката, заснованоста на законските рамки што ги гласаат пратениците, се најпотребниот подржувач и охрабрувач на бизнисот и, кога се работи за подобрувањето на квалитетот на животот на нашите граѓани, развојот на бизнисот на нашите компании и нивниот продор на странските пазари, бизнисот не смее да наидува на пречки, на анахрони предрасуди, патот и умот треба да бидат отворени и без  пречки, било да се тие реални или пак измислени.

Почитувани,

Со заедничката соседска, регионална, па дури и глобална соработка, ја помагаме нашата економија, економијата во регионот и во светот.  Пред се, им го олеснуваме и подобруваме животот на нашите граѓани! Иако реално, како индивидуални пазари сме мали и не сме атрактивни меѓутоа, доколку ги обединиме силите и делуваме заедно, тогаш секако сме доста интересни и привлечни за големите инвеститори. Освен економската придобивка, политичката порака на заедничкото настапување пред меѓународниот фактор ќе го даде најпосакуваниот ефект, односно, пораката дека сме стабилен и сигурен регион, регион во кој се гарантира секој вложен денар и ова ќе не претвори во значајни и кредибилни меѓународни играчи.

Дами и господа, 

Ви посакувам да продолжите со неуморната работа, посакувам ваквите настани да се прошират и со учеството на сите земји околу нас, зошто не и пошироко затоа што, кога има добра волја од двете страни, односно и од институциите и од стопанските комори, тогаш границите не претставуваат пречка. 

Благодарам на вниманието.

Click