Активности

Петок, 10 јули 2020

ПРИОРИТЕТ НА ГЕРМАНСКОТТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО Е ОТПОЧНУВАЊЕТО НА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваната и ополномоштена амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Анке Гизеле Холштајн.

Посакувајќи ѝ срдечно добредојде во Република Северна Македонија, претседателот Џафери изрази благодарност за досегашната поддршка на Сојузна Република Германија на нашите евоатлантски аспираци и иницирањето на Берлинскиот процес како модел за доближување до европските вредности. Реформскиот пат го донесе полноправното членство во НАТО и одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ.

Претседателот Џафери ја поздрави и меѓуинституционалната парламентарна соработка на сите нивоа, вклучително и Програмата ИПС и партнеството со Бундестагот, преку проектната развојна помош со Швајцарската конфедерација за унапредување на транспарентноста и отчетноста кон јавноста. Во текот на мојот мандат, напорно работев за реализација на оваа цел, а неспорен факт за тоа е посетата на повеќе од 20.000 посетители на Собранието и интензивирањето на соработката со невладините организации, Амбасадите, Мисијата на ЕУ и Канцеларијата на НАТО во Скопје, нагласи Џафери. Тој ја информираше својата соговорничка за одржувањето на предвремените парламентарни избори и подготовките за конститутивната седница во Собранието.

Амбасадорката Холштајн изрази благодарност за топлите и пријатни зборови при приемот и посочи дека за неа претставува особена чест да ја претставува својата земја во Северна Република Македонија, поради одличните билатерални односи без отворени прашања и соработката во многу полиња од заемен интерес, која бележи можности за проширување и во други области во иднина. Земјата направи голем исчекор во изминатите години со потпишувањето на билатералните договори со Република Грција и Република Бугарија, стана полноправна членка на НАТО и доби одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ, одлука која требаше одамна да се случи, нагласи Амбасадорката Холштајн.

Сега е моментот заедно со Сојузна Република Германија да се влезе во следната фаза од евроинтегративниот процес – одржувањето на првата меѓувладина конференција за формално отпочнување на преговорите. Ова е приоритет на германската канцеларка Меркел и на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, истата треба да се одржи кон крајот на оваа година. Активностите во рамките на германското претседателство со Советот на ЕУ, кое се одржува во еден нестандарден формат, ќе бидат насочени и кон борбата против Корона вирусот и справувањето со неговите последици, особено економските штети и донесувањето на новата финансиска рамка во ЕУ.

Амбасадорката Холштајн заклучи дека од земјата се очекува да покаже демократска зрелост во одржувањето на предвремените парламентарни избори и да продолжи по својот интегративен пат со влада која има целосен легитимитет, како и во делот на претседавање со Берлинскиот процес заедно со Република Бугарија оваа година, како можност и за понатамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.