Активности

Среда, 19 август 2020 година

Прв дел на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти 

Првиот дел од Петтата светска конференција на претседатели на парламенти се одржува на 19 и 20 август 2020 година, во виртуелен формат, во организација на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и во партнерство со Парламентот на Австрија и Обединетите нации.

На Конфреренцијата учествуваат над 250 претседатели на парламенти, парламентарци, експерти и претставници на Обединетите нации, како и двајца претставници на Службата на Собранието на Република Северна Македонија. Главна цел на Конференцијата, која се одржува под мотото „Парламентарното лидерство за поефективен мултилатерализам што обезбедува мир и одржлив развој за луѓето и планетата“, е мобилизација на парламентарците од целиот свет за справување со здравствените, климатските и економските предизвици со кои се соочуваат планетата и нејзините жители.

На свеченото отварање на Конференцијата, на учесниците им се обратија Габриела Куевас Барон, претседателка на Интерпарламентарната унија, Волфганг Соботка, претседател на Австрискиот парламент и Антонио Гутешеш, генерален секретар на Обединетите нации. Следеше интерактивна дебата за здравјето, климата и економијата, како и презентација на извештаите за родова еднаквост, учество на младите во политиката, Агендата 2030 за одрлив развој, науката, технологијата и етиката. Претседателите разменија мислења за парламентарните одговори на пандемијата со Ковид-19, а ќе дискутираат и за глобалното управување, одржливите економии, мобилноста на луѓето и климатските вонредни состојби.

На вториот ден од Конференцијата, во пресрет на 21 август - Меѓународниот ден за сеќавање и почит на жртвите од тероризам, ќе биде одржан специјален  виртуален настан за борба против тероризмот и насилниот екстремизам.

Се очекува, на крајот од Конференцијата, претседателите на парламентите да усвојат завршна декларација.

Светската конференција на претседателите на парламенти се одржува секои пет години, во соработка со Обединетите нации, со цел за зајакнување на парламентарната димензија на глобалното управување.

Првата светска конференција на претседатели на парламенти се одржа во август 2000 година, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, само неколку дена пред Милениумскиот самит на шефовите на држави и влади.

Поради пандемијата со Ковид-19, вториот дел од Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, со физичко присуство на учесниците,  се планира да се одржи во август 2021 година во Виена, Австрија.

Click