Активности

Петок, 24 јануари 2020

Разгледан Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија, на 75. седница, одржана на 22 јануари 2020 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на законот за субвенциониран студентски оброк, поднесен од пратениците Јулиана Николова, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Реџеп Мемеди, Џевад Адеми и Анета Симеска Димоска (по скратена постапка).

Воведно образложение по Предлог-законот во име на предлагачите, даде пратеничката Јулиана Николова. Таа посочи дека Република Северна Македонија чекори по патот на европската интеграција. Оттука, потребно е истата да носи легислатива со која ќе им овозможи на своите државјани кои се студенти, да ги користат истите поволности кои ги користат и студентите ширум европските држави.

Законот за субвенциониран студентски оброк се носи за прв пат во Република Северна Македонија, а има за цел да го подобри стандардот на студентите. Примарна цел на законот е дефинирање на правото на студентски оброк на студентите. Односно, овој закон го дефинира поимот субвенциониран студентски оброк, како и начинот и критериумите за субвенционирање на истиот.

Со имплементација на овој закон, студентите ќе добијат можност во текот на денот  да се хранат за значително пониска цена кај давателот на субвенциониран студентски оброк кој склучил договор со Министерството за образование како давател на услугата, а плаќањето ќе може да го вршат преку мобилен телефон или преку студентска картичка.

Законот дава можност субвенцијата за студентски оброк да ја користат сите редовни студенти на додипломските студии на државните и приватните универзитети, кои се државјани на Република Северна Македонија, кои се регистрирале во системот на Универзитетот со денот на поднесување на пријавата за запишување на студиската година, преку пријавување на телефонскиот број на студентот и негово внесување во системот.

Начинот на плаќање на субвенциите, како и надзорот на спроведување на субвенционираниот студентски оброк ќе бидат пропишани во посебен Правилник кој ќе го изготви министерот за образование и наука.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, на Предлогот на законот беа поднесени шест амандмани од овластени предлагачи, од кои само еден не беше усвоен. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

Click