Активности

Понеделник, 10 февруари 2020

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВНИОТ ЗБОР НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА, ДЕЈАН ЖИДАН

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Република Словенија, предводена од претседателот на Државниот збор Дејан Жидан, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието Зеќир Рамчиловиќ и претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија, г-ѓата Нада Ципушева.

Претседателот Џафери изрази задоволство од реализацијата на оваа официјална посета и за интензитетот на средби на сите нивоа како резултат на плодната билатерална соработка меѓу двете држави. Фреквенцијата на посети во рамките на парламентарната соработка е особено изразена во последните неколку години. Во таа насока, високо ја цениме поддршката на Република Словенија за нашите евроатлантски интеграции, нагласи претседателот Џафери.

Претседателот Џафери го инфомираше својот соговорник за пресвртниот момент во кој се наоѓа земјата од својата понова историја во однос на скорото пристапување во НАТО и очекувањето на добивање датум за преговори за членство во ЕУ оваа година.

Во контекст на НАТО, тој повторно се заблагодари на фактот што Република Словенија беше првата земја после Република Грција која го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО и изрази очекување дека Шпанија наскоро ќе ја заврши постапката на ратификација на Пристапниот протокол, по што земјата ќе стане 30-та членка на НАТО оваа година.

Во однос на ЕУ, во октомври и покрај серијата на реформи, следеше разочарување поради реакцијата на Франција и на неколку други земји, кои бараа подобрување на методологијата на водење преговори и одложување на одлуката по ова прашање. Претседателот Џафери потенцираше дека земјата сепак останува на патот на реформите до полноправно членство во Европската унија и дека сите политички партии опстојуваат на тој пат, бидејќи земјата нема друга алтернатива освен членството во Унијата. Исто така, тој го поздрави членството на двете земји во регионалните иницијативи како Процесот Брдо-Бриони, ПСЈИЕ како и во рамките на Берлинскиот процес.

Претседателот Жидан го искажа огромното задоволство за ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и поддршката на сите политички партии во Република Словенија за евроатлантските процеси. Според него, членството во НАТО е значајна придобивка и истото треба да се поздрави, а во однос на ЕУ, тој ги сподели искуствата на Словенија и препреките со кои се соочувала на патот кон членство, кој на крајот сепак се покажал како добра одлука за сите нејзини граѓани. Тој изрази очекување дека земјата ќе добие датум за почеток на преговори до мај оваа година. Претседателот Жидан исто така искажа поддршка на иницијативата за овозможување на студентите од Северна Македонија да студираат под исти услови како словенечките студенти, изразувајќи надеж дека тие можат да служат како мост на поврзување меѓу двете земји.

Соговорниците ја истакнаа својата поддршка за унапредување на соработката на поле на економијата и овозможување на потребните услови за интензивирање на соработката меѓу стопанските комори на двете држави.