Активности

Вторник, 17 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со Делегација на претставници од набљудувачката мисија на ОДИХР

Денеска претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со Делегација на претставници од набљудувачката мисија на ОДИХР со мандат за мониторинг на избори и промоција на изборните процеси, предводена од Кориен Јонкер, шеф на изборната набљудувачка мисија.

На средбата, покрај претседателот на Собранието, присутни беа и координаторот на пратеничката група на СДСМ, г. Јован Митрески; координаторот на ДУИ, г. Ејуп Алими и заменик-координаторот на ВМРО – ДПМНЕ, г-ѓа Лилјана Затуроска, како и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова.

Средбата беше со цел презентирање на финалниот извештај за претседателските избори одржани од 29 април до 5 мај 2019 година.

Во извештајот преовладуваат позитивните оценки од прелиминарните заклучоци на двата изборни круга. Покрај оценките се содржани и препораки за подобрување на процесот. Позитивните оценки одат за целокупно добро спроведените избори во мирна и демократска атмосфера која овозможила слободно изразување на волјата на граѓаните и со можност за избор помеѓу конкурентски политички визии, за ефикасната, професионална и непристрасна изборна администрација и за транспарентениот процес. Препораките се во насока на изборното законодавство и негово финализирање и разјаснување, односно конечно пополнување на правните празнини, како и за неколку други конкретни забелешки.

Претседателот Џафери со шефицата на набљудувачката мисија, г-ѓа Јонкер, разменија мислења за прашањето за честите предвремени избори кои ги одржува Република Северна Македонија. Претседателот Џафери истакна дека сака овој парламентарен состав да го заврши својот мандат во предвиденото законско време со целосно завршен мандат и без распишување на предвремени парламентарни избори поради целосно завршување на веќе започнатите општествени процеси кои покажуваат успешни резултати. Притоа обајцата се согласни дека предвремените парламентарни, освен што не одат во прилог на стабилноста на една држава, претставуваат и зголемени финансиски трошоци.

Целосниот извештај ќе биде објавен на официјалната веб-страница на ОДИХР.

Click