Активности

Среда, 15 јануари 2020 година

Средба на претседателот Џафери со eврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Оливер Вархеји

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, се сретна со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, г. Оливер Вархеји, кој по преземањето на функцијата во новиот состав на Европската комисија, за првпат престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.

Нагласувајќи дека посетата на еврокомесарот ја смета за поддршка на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат и покрај застојот со кој се соочува, претседателот Џафери изрази надеж дека заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа година. Тој подвлече дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на одлука за старт на пристапниот процес по октомврискиот состанок на Европскиот совет, политичките чинители во земјата смогнаа сили и успеаја да останат фокусирани на стратешката цел на државата за полноправно членство во Европската унија. Тој понатаму истакна дека, иако причината за недобивањето на датум лежи во нерешените внатрешни прашања на самата Унија, политичките лидери на Република Северна Македонија решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година за понатамошниот пат на државата. Во периодот што следи, нагласи претседателот Џафери, напорите ќе бидат насочени кон одржување на транспарентни, фер и демократски избори.

Комесарот Вархеји истакна дека неговата прва посета надвор од Европската Унија е токму на Република Северна Македонија поради тоа што државата направи најмногу за да ги оствари своите аспирации за европска интеграција и дека на овој начин тој оддава признание на тие напори. Тој информираше дека неговиот план е до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија и за таа цел новата методологија за процесот би била претставена до крај на месец јануари. Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион. Комесарот за проширување Вархеји нагласи дека на октомврискиот самит беше направена грешка и дека новата методологија е начин таа грешка да биде исправена.

Претседателот Џафери му се заблагодари на комесарот за сите негови напори за брзо усвојување на новата методологија и донесување заслужена одлука за почеток на пристапните преговори за Република Северна Македонија што е можно поскоро и истовремено ги поздрави и напорите на Хрватска која како еден од приоритетите на своето претседавање со Европската Унија го поставува  обезбедувањето на поддршка од земјите членки за доделување на датум за нашата држава. 


Click