Активности

Понеделник, 10 февруари 2020

Средба на претседателот Џафери со членовите на Делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на Парламентот на Кралството Холандија, г. Хаjке Велдман и г. Анe Мулдер

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери  оствари средба со членовите на Делегацијата на Постојаната комисија за европски прашања на Парламентот на Кралството Холандија,  г. Хаjке Велдман и г. Анe Мулдер.

Упатувајќи благодарност до Холандија за поддржувањето на политиката на проширување на ЕУ и заложбите Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членство, како и за континуираната поддршка за зачленувањето на државата во НАТО, претседателoт Џафери го оцени интензивирањето на директните контакти меѓу пратениците како најдобра можност за изворно запознавање со состојбите и размена на искуства.

Тој истакна дека недонесувањето на едногласна одлука на Европскиот совет за започнување преговори беше големо разочарување и резултираше со одлука на политичките лидери во државата да ги повикаат граѓаните на предвремени парламентарни избори на 12-ти април и изрази уверување дека тие ќе се одржат во фер, транспарентна и демократска атмосфера, во согласност со меѓународните стандарди.

Џафери ја поздрави новата методологија на процесот на проширувањето, изразувајќи надеж дека модификациите засновани на принципите на кредибилитет, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност на задоволителен начин ќе одговорат на барањата на сите земји-членки за поефикасен процес на преговори.

Претседателот на Постојаната комисија за европски прашања во Претставничкиот дом на Кралството Холандија, г. Хајке Велдман и известителот на Комисијата за Западен Балкан, Ане Мулдер ја оценија како многу корисна и оваа втора нивна посета на земјата по првата во мај минатата година, бидејќи им овозможува директно да се запознаат со напредокот на земјата во реформскиот процес.

Потенцирајќи ја важноста на доследната имплементација на законите по нивното донесување, холандските пратеници изразија интерес за доставувањето на Законот за јавно обвинителство од страна на Владата на Република Северна Македонија и постапката за  донесување на Законот пред донесувањето на одлука за распуштање на Собранието.

На крајот на средбата беше изразена поддршка од холандската страна за спроведување на реформите.    

Click