Активности

Среда, 16 септември 2020

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Марија Петровиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, се сретна со амбасадорката на Црна Гора во Република Северна Македонија, Н.Е. Марија Петровиќ. 

Амбасадорката Петровиќ му упати честитки за реизборот на претседателот Џафери со желби за успешен мандат и брзо и динамично водење на преговорите за членство во Европската Унија. Таа изрази надеж дека, отворената и пријателска соработка и размената на посети на високо ниво, кои беа интензивни во изминатиот период, ќе продолжат и во иднина. Амбасадорката Петровиќ даде и краток осврт на политичката состојба во Црна Гора по одржаните парламентарни избори. 

Претседателот Џафери го поздрави напредокот на Црна Гора во преговорите за членство во Европската Унија и изрази надеж дека  наскоро земјата ќе успее да го финализира тој дел од процесот на пристапување. Тој истакна дека, очекува до крајот на годината да се организира и меѓувладината конференција меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, што би претставувало и официјален почеток на преговорите за членство.

Претседателот Џафери информираше дека, по одржаните парламентарни избори на 15 јули 2020 година и формирањето на парламентарното мнозинство, Собранието ги  формираше и работните тела, а наскоро ќе бидат формирани и делегациите во меѓународните собранија и пратеничките групи за соработка. На крајот, тој изрази уверување дека и во иднина ќе продолжи успешната соработка во рамките на регионалните иницијативи во кои учествуваат пратеници од двете држави.