Активности

Среда, 16 септември 2020

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Наталија Задорожњук

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук.

Претседателот Џафери изрази задоволство дека, односите меѓу Република Северна Македонија и Украина се карактеризираат со пријателство, доверба, отсуство на отворени прашања, како и соработка во голем број области од заемен интерес. Тој информираше за активностите што му претстојат на Собранието на Република Северна Македонија во врска со законодавството и формирањето на делегациите и пратеничките групи за соработка.

Амбасадорката Задорожњук упати честитки за успешно спроведените парламентарни избори и реизборот на Џафери за претседател на Собранието. Таа истакна дека, во Украина високо се цени тоа што Северна Македонија го поддржува унитарниот карактер, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, како и добрата заемна соработка во рамките на меѓународните организации и меѓупарламентарните собранија.     

Соговорниците се заложија за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Украина, подвлекувајќи дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно -правна рамка. Заедничките цели и приоритети за европската и евроатланската интеграција, според Џафери и Задорожњук, се одлична основа за натамошно унапредување на билатералната соработка.

На средбата беше нагласена плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина, особено на ниво на групи за соработка. Истовремено, беше изразена надеж дека во догледно време ќе бидат реализирани посети на ниво на претседатели на парламенти, штом за тоа бидат создадени поволни услови.

На средбата, амбасадорката Задорожњук на претседателот Џафери му ги предаде честитките од претседателот на Врховната Рада на Украина Дмитро Разумков, за повторниот избор за претседател на Собранието, како и по повод 8 Септември, Денот на независноста.