Активности

Понеделник, 22 јуни 2020

Учество на пратеникот Локвенец на Меѓународната конференција „Да се биде во  чекор со Европа“ и на седницата на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ

Пратеникот Хари Локвенец учествуваше на Меѓународната конференција „Да се биде во  чекор со Европа“ и на состанокот на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржаа  онлајн на 19 и 20 јуни 2020 година во организација на Косовскиот парламент.

На настанот учествуваа пратеници од девет земји учеснички во Процесот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Словенија и Турција, како и други меѓународни парламетарни собранија – партнери на ПС на ПСЈИЕ и претставник на Советот за регионална соработка (СРС).

Меѓународната конференција на тема „Да се биде во чекор со Европа“, ја отвори претседателката на Собранието на Република Косово, Вјоса Османи, при што истакна дека Конференцијата се осврнува  на три различни теми и сите имаат огромно влијание врз секојдневниот живот на сите граѓани во регионот. Интеграцијата во ЕУ е една од главните цели на надворешната политика на мнозинството, ако не и од сите земји во регионот. Понатаму таа зборуваше за животната средина и за проблемот со загадувањето, а на крајот се осврна и на предизвикот за Косово и на другите земји во регионот да се обезбедат услови за младите кои се запишуваат и завршуваат студии на најдобрите универзитети ширум светот и се враќаат во својата татковина.

Претседателката на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ, Фиторе Пацоли (Косово), која ја модерираше оваа Конференција, рече дека е потребна поголема соработка помеѓу земјите од регионот, со цел да се продолжи кон одржлива иднина. Таа смета дека е добра вест што Европската Унија сè уште има визија за граѓаните на Западен Балкан. Фокусирајќи се на последиците од пандемијата на Ковид 19, Пацоли рече дека оваа криза ги потсети луѓето дека треба да се поврзат едни со други и да си помагаат едни на други. Таа изрази загриженост за можноста што Ковид 19 им ја даде на некои авторитарни лидери во регионот, за понатамошно консолидирање на нивната моќ.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, рече дека добрите односи меѓу соседите ќе бидат клучни за економското закрепнување. Таа посочи дека конечниот договор меѓу Србија и Косово е важен, со цел тие да се се придвижуваат кон ЕУ. Ја истакна потребата за визна либерализација за граѓаните на Косово што е можно поскоро.

Известувачот за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон-Таубадел, истакна дека е е оптимист дека со преземањето на претседателството на ЕУ од страна на Германија, ќе се либерализираат визите за косовските граѓани.

На седницата на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ се изрази длабока благодарност до земјите кои учествуваа во овој онлајн настан.

Седницата ќе придонесе за понатамошно промовирање на добрососедските односи и јакнење и продлабочување на регионалната соработка. По направените измени во агендата и нејзиното одобрување, претседавачката со седницата Пацоли Далипи ги претстави приоритетите за 2019 - 2020 година, потенцирајќи ја потребата за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, стабилност и економски развој, како и важноста за продлабочување на комуникацијата и интерконекцијата на државите членки едни со други. Таа ја спомена и потребата од продлабочување на соработката во областа на културата, туризмот и уметноста, со што, според неа, културата, уметноста и туризмот ги обединуваат општествата, градовите и државите.

По опсежна дискусија, државите кои учествуваа на Конференцијата со консензус ги одобрија Предлог-извештајот и Предлог-резолуцијата на Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука, со која претседаваше Бугарија.

Потоа се дискутираше за измените во Нацрт-финалната резолуцијата. Пратеникот Хари Локвенец активно учествуваше во дискусијата при разгледувањето на  десетте амандмани кои беа предложени од земјите учеснички. Делегациите постигнаа консензус за Предлог-финалната резолуција, која ќе се усвојува на 24 јуни 2020 година на пленарна седница на претседателите на националните парламенти.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово,  Северна Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија. 

Click