Активности

Вторник, 17 септември 2019 година

„Верувајте во трудот и успехот на младите“

Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, поддржан од Националниот демократски институт (НДИ), по повод одбележување на 15 Септември - Меѓународниот ден на демократијата, организираше настан, со цел да се даде на значење на различни форми на младински и граѓански активизам, како суштински елемент, без кој не постои ниту една демократија.

Настанот со поздравен говор го отвори претседателот на Собранието, Талат Џафери. Притоа, тој на младите колеги и членовите на младинските организации им честиташе што се посветени, решителни и неуморни во нивниот активизам. Истовремено, ги поздрави младинските иницијативи кои добиваат награди, кои се посветени на подигнување на свеста за спречување на насилството, за животната средина и за правата на лицата со попреченост и даде охрабрување за создавање нови креативни иницијативи за општествените промени.

„Бидете гласот на помалку моќните, затоа што слободата на говорот е човечко право и е темелот врз кој е изградена демократијата, без слобода на говор, нема демократија“, заклучи претседателот Џафери.

Свои обраќања, покрај пратеничките Ивана Туфегџиќ и Слаѓана Митовска, имаа и добитниците на наградата за изработка на апликација за пријавување насилство „Speak Out”, организаторите на „Fridays for the Future”, како и претставници од младинската организација КРИК, која е посветена и работи со лица и деца со попреченост.

Притоа, беа споделени успешни приказни, испиративни говори со силни пораки до младите, до средношколците, дека социјалната инклузија започнува прво од нив, а понатаму и од носителите на одлуки.

Младинските организации имаа можност да ги промовираат своите активности со промотивен материјал. Средношколци од над десет средни училишта закачија и свои пораки до пратениците за значењето на демократијата и за теми на кои треба да им се посвети повеќе внимание.

„Кој и да ви каже дека не можете - не го слушајте. Искуството доаѓа кога нешто правите“, „Верувајте во трудот и успехот на младите“, „Повеќе жени на силни позиции“ - се само дел од упатените пораки на младите за Меѓународниот ден на демократијата.

Click