Активности

Четврток, 3 декември 2020

„16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, вчера, во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“, одржа работен состанок со Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, на кој се дискутираше за напредокот во спроведување на Националниот акциски план (НАП) за имплементација на Истанбулската конвенција (2018-2023), со фокус на Предлог- законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и потребните измени на Кривичниот законик со цел усогласување со Истанбулската конвенција.

Имено, една од трите цели на НАП-от е усогласување на националното законодавство со обврските и препораките на Истанбулската конвенција, па, согласно тоа, ЦИКП и Национална мрежа фокусирано работат на дел од законите кои се во процес на усогласување. 

На работниот состанок од страна на невладините организации беше преставен Извештај за следење на спроведувањето на Националниот акциски план, а се дискутираа и клучните измени во Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

На крајот од состанокот беше претставен и планот на Министерството за правда за измените на Кривичниот законик, а свое обраќање на темата имаше и Бојан Маричиќ, министер за правда во Владата на Република Северна Македонија.

 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.