Активности

Вторник, 11 мај 2021

Чешка - наш стратешки партнер, пријател и поддржувач

Во Собранието денеска се одржа настан во врска со безбедноста, со кој претседаваше претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Миле Талевски, а на кој учествуваше делегација од Чешката Република, составена од министерот за одбрана, Лубомир Метнар и заменик-министерот за одбранбена политика и стратегија, Јан Хавранек.

На самиот почеток, Талевски ги окарактеризира како пријателски односите меѓу нашата земја и Чешка и изрази благодарност за поддршката на евроинтегративниот пат.

По добивањето статус полноправна членка на НАТО, рече Талевски, нашата земја даде значителен придонес во мисиите на Алијансата на најпрофесионален начин и го зајакна јужното крило, кое се соочува со миграцијата и тероризмот. Исто така, тој се заблагодари и до НАТО за медицинската помош во овие пандемиски услови, што е само уште еден знак за сојузништво. На крајот, истакна дека и покрај многубројните предизвици, земјава останува посветена на членството во Европската Унија, а секоја поддршка е значајна за нас.

Од своја страна, министерот Метнар упати честитка за нашето зачленување во НАТО, со што од добивач, станавме придонесувач на безбедност. Тој го  потенцираше јасниот став на Чешка, како стратешки партнер, пријател и поддржувач, како за НАТО, така и за ЕУ. Во таа насока е и оваа посета, што е одличен пример на изразување поддршка и продлабочување на соработката преку низа проекти.

Кус осврт на безбедноста како тема, даде и заменик-министерот Хавранек, при што се фокусираше на модернизацијата на воената опрема, технолошките предизвици, новите трендови и нивото на амбициите во НАТО и ЕУ. 

Click