Активности

Среда, 27 октомври 2021

Да им се овозможи на парламентарците да играат водечка улога во унапредување на човековите права

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Абдула Салиу, шеф на Делегацијата во ПС на Франкофонијата и Бети Стаменкоска-Трајкоска, член на Делегацијата, на 25 и 26 октомври 2021 година, во Женева, учествуваа на Работилница за зајакнување на улогата на пратениците во земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата во процесот на Универзалниот периодичен преглед. 

Целта на одржување на работилницата беше на парламентарците да им се овозможи да играат водечка улога во унапредување на човековите права, вклучително и во работата на Советот за човекови права и неговиот Универзален периодичен преглед одговорен за проценка на состојбата со човековите права во земјите членки на Обединетите нации, пред сѐ поради нивните уставни привилегии.

На отворањето на состанокот настапија Џорџ Наску Нуефанг, постојан претставник на Меѓународната организација на Франкофонијата  во Женева; Макаила Ахмед, претставник на Чад во ОН во Женева, претседавач на Групата на амбасадори франкофони; Жак Крабал, генерален секретар на Парламентарното собрание на Франкофонијата; Мартин Чунгонг, генерален секретар на ИПУ; како и Махаман Цис Гуро, претставник на Советот за човекови права при ОН.   

Имајќи предвид дека во голем дел дискусиите беа насочени кон справување со пандемијата КОВИД-19 која бара од многу држави да преземат итни мерки за заштита на здравјето на благосостојбата на населението, главен предизвик  со кој се соочуваа државите, е да реагираат ефикасно на оваа здравствена криза, истовремено осигурувајќи дека мерките што тие ги преземаат, не ги нарушуваат човековите права и јавни слободи на граѓаните.

Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска ја потенцираше важноста на Советот на ОН за човековите права и неговиот Универзален периодичен преглед. Република Северна Македонија силно верува во клучната улога на мултилатералниот систем за човекови права да ги следи перформансите на државите во спроведувањето на нивните обврски од меѓународните договори и да им помогне да ги исполнат стандардите кои ги потпишале. Таа извести за работата на Собранието на  Република Северна Македонија, како и неговите работни тела, кои дејствуваат во насока на остварување и заштита на слободите и правата на граѓанинот, како и следење на ратификуваните меѓународни акти кои ја регулираат заштитата на слободите и правата на граѓаните.

Понатаму, таа во својата дискусија укажа дека пандемијата имала сериозно влијание и евидентни последици во Република Северна Македонија, како од здравствен, така и од економски аспект. За таа цел, а во насока на ублажување на негативните ефекти од истата, Собранието на Република Северна Македонија усвоило пет пакети на мерки за помош, кои покрај другото предвидуваа и финансиска помош на најзагрозените категории на граѓани и гранки од стопанството.

Во однос на справувањето со зголемениот тренд на домашно семејно насилство над жените и девојчињата, а врз основа на принципот на родова еднаквост и забрана за дискриминација по кој било основ, како и санкционирање на секој облик на насилство, пратениците информираа дека во јануари 2021 бил усвоен Закон за заштита и превенција од насилство над жените и семејно насилство, во целост усогласен со Истанбулската конвенција.  

Click