Активности

Петок, 15 јануари 2021

Единаесетта седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, на денешната 11. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства - II читање;
  2. Предлог-законот за развој, производство и промет на воени стоки - I читање;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за странци (*) - I читање;
  4. Предлог-законот за изменување на законот за полиција - I читање;
  5. Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од експлозивни материи - I читање;
  6. Предлог-законот за изменување на законот за складирање и заштита од запални течности и гасови - I читање;
  7. Предлог-законот за изменување на законот за детективската дејност - I читање;
  8. Предлог-законот за изменување на Законот за гранична контрола - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата, присуствуваа Енвер Хусејин, заменик-министер за труд и социјална политика; Размена Чекиќ-Дуровиќ и Магдалена Несторовска - државни секретарки во Министерството за економија, односно во Министерството за внатрешни работи.

- Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Миле Талевски, ги извести пратениците дека по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, во рокот утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието. 

- Во своето обраќање државната секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ ја образложи потребата од усвојување на Предлог-законот за развој, производство и промет на воени стоки и истакна дека со истиот се врши изменување на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема кој првично е донесен во 2002 г. и дека новиот ќе носи наслов Закон за развој, производство и промет на воени стоки. Во продолжение образложи дека со овој Предлог-закон се уредуваат условите за вршењето на развој, производство и промет на воени стоки, како дејности од интерес за одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија, условите и постапката за добивање согласност за вршење развој, производство и промет на воени стоки, дозволи и сертификат за имплементација на програма за внатрешна усогласеност, обврските на лицата вклучени во развој, производство и промет на воени стоки, надлежностите на органите вклучени во постапките во врска со развој, производство и промет на воени стоки, како и заштитата и безбедноста на развојот, производството и прометот на воени стоки. На крајот, истакна дека предложените измени на овој закон се во насока да се контролира прометот со оружје со цел да се избегне заобиколувањето на ембаргото на ОН, ЕУ или ОБСЕ за извоз на оружје, како и да се имплементираат критериумите утврдени во Заедничката позиција на Советот 2008/944/ЗНБП од 8 декември 2008 година со која се дефинираат заедничките правила коишто ја пропишуваат контролата на извозот на воена технологија и опрема.

- Државната секретарка Магдалена Несторовска во своето обраќање ја образложи потребата од усвојување на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за странци и истакна дека со истиот се предлагаат нормативни решенија со цел надминување на одредени практични проблеми, допрецизирање на одредени одредби, како и усогласување со други закони, со основна цел обезбедување на конзистентност во правниот систем. Нагласи дека со Предлог-законот се врши и усогласување со Законот на прекршоците, од аспект на утврдување на рамка на  износ на висината на глобите кои се изрекуваат на физички, правни лица и одговорни лица во правните лица за прекршоците утврдени со овој закон. Истакна дека со овој Предлог-закон се вршат измени на поголем број одредби кои се однесуваат на надминувањето на одредени проблеми кои се појавуваат при неговото практично имплементирање. 

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваше пратеникот Павле Трајанов.

- Несторовска ја образложи и потребата од усвојување на Предлог-законот за изменување на Законот за полиција, при што истакна дека со предложените изменувања се врши усогласување на одредени сегменти од законот согласно предвидените решенија со Законот за прекршоците, односно нормативно-техничко усогласување, како и техничко-терминолошко усогласување со Кривичниот законик. Со предложениот закон се врши и усогласување со Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија и  Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.

- Во однос на Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од експлозивни материи, Предлог-законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, Предлог-законот за изменување на Законот за детективската дејност и Предлог-законот за изменување на Законот за гранична контрола, Несторовска ја образложи потребата од нивно усвојување и истакна дека предложените измени се во насока на усогласување со Законот за прекршоците во делот на прекршочните одредби, односно глобите. Исто така, истакна дека предложените измени се со цел имплементација на Уставните амандмани (XXXIII – XXXVI) и Уставниот закон за спроведување на Уставните амандмани. 

Пратеникот Бојан Стојаноски учествуваше во дискусијата по Предлог-законот за изменување на Законот за гранична контрола, како и по Предлог-законот за изменување на Законот за детективската дејност, каде свое учество зеде и пратеникот Павле Трајанов.

  • Комисијата за одбрана и безбедност без „против“ и „воздржани“ гласови по сите Предлог-закони, констатира дека истите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.