Активности

Вторник, 6 октомври 2020

Јавна расправа за состојбите во лозаропреработувачкиот сектор 

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на 1-та седницата одржана на 1, 2 и 5 октомври 2020 година, како матично работно тело одржа Јавна расправа на тема: „Информација за состојбите во лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година“.

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата, присуствуваа министерот и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа и Трајан Димковски; како и директорите на Државниот инспекторат за земјоделство и на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Зоран Шапуриќ и Никола Бабовски.

Исто така, беа присутни и зедоа учество експерти, лозари, претставници на Националната федерација на фармери, Регионалното здружение „Лозаровоштари“ од Кавадарци, Здружението на лозари, Здружението „Напредни лозари”, Здружението на земјоделци и на „Агролек“.

Со седницата претседаваа претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски и заменик-претседателот Дајанчо Ефтимов.

Информацијата за состојбите во лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година ја образложи пратеникот Љупчо Димовски, како претставник на предлагачите.

Свои мислења, предлози и забелешки, меѓу другите, дадоа и пратениците: Александар Николовски, Панчо Минов, Бедри Фазли, Даниела Колева, Златко Пенков, Здравко Трајанов и Дајанчо Ефтимов.

На второто продолжение од оваа седница, Комисија ги разгледа Предлог-заклучоците кои произлегоа од одржаната јавна расправа.

Во дискусијата по Предлог заклучоците учествуваа министерот Хоџа и пратениците Љупчо Димовски, Здравко Трајанов, Панчо Минов и Зоранчо Јованчев.

Со по 5 гласа „за“ и „против“ и 1 глас „воздржан“, Комисијата не ги усвои следните Предлог-заклучоци:

1) Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство се обврзува како постојано работно тело во Собранието на Република С. Македонија:

а) да формира работна група за подготовка на предлог закони со кои ќе се изнајде модел и ќе се подготви правна рамка за решавање на настанатите состојби во лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година, најдоцна до 1 ноември 2020 година.

б) За членови на работната група за подготовка на предлог законите ќе бидат:

- членовите на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство,

- тројца претставници од Владата (Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство) и

- еден претставник од социјално-економските партнери на државата.

в) Најдоцна до 20 октомври 2020 година, Владата (Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство) и социјално-економските партнери на државата до претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство да номинираат претставници во работната група.

г) Работната група најдоцна до крајот на декември 2020 година, да ги подготви измените и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за виното во делот на:

- усогласување на членот 16-б од Законот за виното со членот 32 од Законот за земјоделство и рурален развој,

- регулација на целиот откуп на земјоделските производи, вклучително и на грозјето во Законот за земјоделство и рурален развој,

- уредување на навремена исплата на грозјето и почитување на договореното производство и воведување на задолжително депонирање на банкарска гаранција во Законот за виното,

- измена и прецизирање на членот 17 став (1) од Законот за виното во делот на утврдување на цената за винското грозје која се определува врз основа на вредноста на шеќерните единици во грозјето кои треба да ги одредуваат релевантни државни институции (Факултетот за земјоделски науки и храна и Земјоделскиот институт)

- бришење на членот 17 став (5) од Законот за виното и

- дефинирање на висината на откупната цена на најзастапеното винско грозје за производство на вино (смедеревка и вранец), која треба да биде 20% повисока согласно пресметките за производната цена изработена од референтна научна институција.

2) Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и препорачува на Владата на Република С. Македонија: 

а) во рок од три работни дена од усвојување на овие заклучоци да донесе одлука за прогласување на елементарна непогода во лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година, предизвикана од болеста на гроздовото зрно Botrytis, согласно закон;

б) најдоцна до 30 октомври 2020 година:

- да донесе одлука со која ќе ги пренасочи финансиските средства во износ 4 ден/кг од Програмата КОВИД 4, наменети за винарските визби, пропорционално на сметка на лозаропроизводителите кои го предале своето производство, доколку се утврди дека откупеното винско грозје наместо за производство на вински алкохолен дестилат е употребено за производство на вино, 

- да спроведе организиран откуп на неоткупеното винско грозје согласно со Законот за земјоделство и рурален развој, - да воведе дополнителна мерка за исплата во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со зголемување на основната (48.000 ден/ха) на 96.000 ден/ха, за реколта 2020, со краен рок на исплата до 31.12.2020.

в) најдоцна до 30 октомври 2020 година Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство:

- да ги ослободи од плаќање на закуп за државно земјоделско земјиште на кое имаат подигнато лозови насади индивидуалните земјоделци, евидентирани во единствениот регистар за земјоделско стопанство и

- да ги ослободи од плаќање на водниот надоместок за наводнување на земјоделско земјиште под лозови насади индивидуалните земјоделци евидентирани во единствениот регистар за земјоделско стопанство;

г) Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство му препорачува на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за постапување спротивно од Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за виното:

- да ја одземе лиценцата на винарска визба или од неа овластено правно лице (откупувач) за период од една година, доколку изврши откуп на винско грозје за 30% помал откуп од планираните количини за откуп пријавени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и

- да ја одземе лиценцата за промет со вино за период од една година на винарска визба која пријавила залиха на наливно и флаширано вино поголема од утврдената од страна на контролата на Државен инспекторат за земјоделство.

3) Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство им препорачува на социјално-економските партнери на државата да доставуваат информација еднаш годишно за имплементација на донесените закони со кои ќе се уредат состојби во лозаропреработувачкиот сектор;

4) Овие Заклучоци да се достават до Собранието на Република С. Македонија, Владата на Република С. Македонија, надлежното министерство, Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и до сите поканети учесници на јавната расправа;

5) Овие Заклучоци да се објават на веб-страницата на Собранието на Република С. Македонија.

Click