Активности

Четврток, 29 јули 2021

Комитетот за односи меѓу заедниците ја одбележа 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор

По повод одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Комитетот за односи меѓу заедниците одржа свечена Шеста седница.

На седницата присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери; претставници на Владата; членовите на Комитетот и други пратеници; претставници од меѓународната заедница; директорите на Агенцијата за примена на јазиците и Агенцијата за остварување на правата на заедниците АОПЗ.

Свои обраќање имаа претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли; претседателот на Собранието, Талат Џафери и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

„Основањето на Комитетот во 2002 година беше нов момент за сите нас, меѓутоа, ако погледнеме од денешна перспектива, беше најсоодветниот начин на овозможување на простор, време и место за искажување на потребите, образложување на состојбите, разгледување на прашањата кои на директен начин ги тангираа етничките заедници во нашата земја, а чијшто заемен однос или пак немање однос воопшто, претставуваше камен на сопнување и пречка за раст и развој на земјата, пречка за напредување, интегрирање и придонесување во регионалните, европските и светските процеси и делувања, а не можеш да придонесеш глобално, ако немаш мир и релаксирани односи внатре, дома, со заемна почит на секој еден член на семејството, па бил тој и најмалиот“, рече Џафери.

Во продолжение, тој изрази гордост за истрајувањето, созревањето и  трансформирањето сè со цел Република Северна Македонија да биде успешна приказна за напредна, современа парламентарна демократија, полноправна членка на НАТО и големото европско семејство, дом на сите припадници на различните етнички заедници, дом на сите граѓани.

Со своја дискусија учествуваше и поранешниот претседател на Комитетот, Џеват Адеми, како и дел од поранешните и актуелните членови на Комитетот, како што се: Зеќир Рамчиловиќ, Дафина Стојаноска, Самка Ибраимовски, Лупчо Балковски и Енес Ибрахим.

Говорниците ја истакнаа важноста и придонесот на Охридскиот рамковен Договор за мирот и стабилноста во нашава земја и улогата на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Се слушнаа и мислењата на присутните членови на Комитетот во однос на унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Републиката, заради што понудија решенија и можности за соодветна и правична застапеност.

Click