Активности

Петок, 4 декември 2020

Конститутивна седница на Клубот за младински прашања и политики

Клубот за младински прашања и политики на Собранието, денеска ја одржа својата конститутивна седница, на која за координатор на истиот, беше избран пратеникот Јован Јаулески.

Со седницата претседаваше Артина Ќазими, како најмлада пратеничка во Собранието, а покрај пратениците и поканетите гости, присуствуваа и претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

На отворањето на седницата, Ќазими најави успешна работа на Клубот, како продолжение на сѐ она што е сработено од неговото формирање во 2017 година и посветеност на спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, донесен во јануари годинава.

Воведно обраќање имаше и претседателот Џафери, кој како прв меѓу еднаквите, го поздрави конституирањето на Клубот, со безрезервна помош на Вестминстер фондацијата за демократија и Националниот демократски институт, и посака плоден и успешен мандат.

„Важна е вашата улога како законодавци, да бидете нишката која ќе ги поврзува сите засегнати страни, за крајниот резултат да биде во полза на сите млади. Бидете нивниот глас, поддршка и врата на која ќе можат слободно да тропнат и да го споделат својот проблем. Бидете инвентивни, креативни и истражувајте најразлични начини да допрете до младите и да го доближите Клубот за младински прашања и политики до нив. Бидете добар пример и за нив, и за нас повозрасните колеги во Собранието, а ние ќе бидеме до вас на секој ваш иден чекор и преземена иницијатива“ – порача Џафери.

Во продолжение чест да се обрати имаше и новоизбраниот координатор на Клубот, пратеникот Јован Јаулески, кој посака како млади пратеници да бидат носители на промените со цел да се подобри статусот на младиот човек, да се врати довербата на младите во институциите за да можат својот живот да го градат тука.

Свое обраќање пред присутните имаш и пратеникот Дарко Каевски, кој порача заеднички, без разлика на политичката припадност, да се решаваат проблемите, со цел подигање на младинскиот стандард. Тој го поздрави минатиот состав на Клубот, кој постави основа и даде мотив за уште поуспешна работа за бенефит на младите во земјава.

Последна се обрати и пратеничката Фиснике Бектиши-Шаќири, која истакна дека е потребно да се има една активна младина, која ќе биде храбра и креативна, чиј глас ќе се слуша и ќе се има предвид. Неопходно е создавање визија за развој на младите, зашто тие се иднината на земјата, рече таа, а подобар свет за младите, е подобар свет за сите нас!



Click