Активности

Среда, 30 јуни 2021

Меѓупарламентарната регионална соработка - двигател на ЕУ процесите

Во рамките на 17. состанок на Конференцијата на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (КОСАП), што вчера се одржа онлајн во Сараево, учествуваше делегација на Комисијата за европски прашања, во состав заменик-претседателката на Комисијата, Арта Биљали-Зендели и членовите: Лолита Ристова, Моника Зајкова, Марија Петрушевска и Халил Снопче.

Конференцијата ја отвори претседателот на парламентарната Заедничка комисија за европска интеграција на БиХ, Никола Ловриновиќ, а воведни обраќања по темите имаа политичкиот директор на Советот за регионална соработка, Амер Капетановиќ и Питер Грк, национален координатор за Западен Балкан, при Министерството за надворешни работи на Република Словенија.

Притоа, се водеше расправа по три теми, при што за првата тема „Унапредувањето на проширувањето на ЕУ преку регионалната соработка“, воведно обраќање имаше пратеничката Лолита Ристова, додека за втората тема посветена на „Приоритетите на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија“, говореше Марија Петрушевска и на третата тема за „Тековниот статус на земјите аспиранти за членство во Европската Унија“, се обрати пратеничката Арта Биљали-Зендели.

Во рамките на дискусијата по темите, свое обраќање имаше и Халил Снопче, кој истакна дека проширувањето на Европската Унија со земјите од ЈИЕ, треба да продолжи, при што се заблагодари на Советот за регионална соработка  (РСС) за презентирањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар (CRM) 2021-2024 година на Питер Грк.

Учесниците ги поздравија приоритетите на Словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, особено приоритетот „Кредибилна и безбедна Европска Унија, способна да обезбеди сигурност и стабилност во нејзиното соседство“, што ја одразува поддршката на Република Словенија за политиката на проширување на ЕУ и иднината на Регионот во ЕУ.

На Конференцијата, која претставува парламентарен форум за соработка меѓу Комисиите за европски прашања на државите на парламентите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа, беа разменети мислења и ставови за актуелните евроинтегративни процеси во регионот, учествуваа членовите на парламентарните комисии за европски интеграции/ прашања на Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора и  Србија, како и членовите на Комитетот за европска интеграција на Парламентот на Косово.

На крајот на Конференцијата, учесниците упатија благодарност до Парламентарното собрание на БиХ за организирањето на 17. состанок на КОСАП и изразија целосна поддршка на следниот претседавачки парламент - Парламентот на Република Северна Македонија.

Click