Активности

Петок, 11 јуни 2021

Мнозинството и опозицијата имаат политичка должност конструктивно да соработуваат зашто споделуваат заедничка одговорност кон граѓаните

Управувачката група за соработка за демократски развој со шведскиот парламент, Рикстагот,  на  Собранието на Република Северна Македонија,  денеска  одржа оналајн состанoк со Управувачката група на Шведскиот парламент.       

На состанокот учествуваа пратениците: Фадил Зендели, потпретседател на Собранието и претседавач на Управувачката група; потоа Мартин Костовски,  Халил Снопче, Маја Морачанин, Гордана Силјановска-Давкова, Александар Велјановски, Арта Биљали-Зендели и Арбана Пашоли.

Управувачката група  на Шведскиот парламент е предводена од Лота Џонсон Форнарве, втор заменик-претседател на Шведскиот парламент.

Со оглед на тековната пандемија, активностите за соработка помеѓу    Рикстагот и Собранието на Северна Македонија, во текот на првата половина на 2021 година, се организираат во дигитална форма. Тоа ќе овозможи соработката да има континуитет и членовите да бидат подобро подготвени за претстојните активности.

Фокусот на денешниот состанок беше да обезбеди основни информации за разбирање на политичкиот пејзаж на секоја земја, условите за пратениците во зависност од тоа дали се дел од владејачките партии или опозицијата. Со тоа се обезбедува двете страни да имаат подобро разбирање едни за други.

Постоењето на политичка опозиција во општеството и во парламентот, е суштинска компонента на функционална демократија. Односот меѓу парламентарното мнозинство и опозицијата треба да обезбеди фер рамнотежа меѓу нивните легитимни интереси со цел да се избегне демократијата да се сведе на проста мајоризација.   

Иако конфронтациите меѓу мнозинството и опозицијата се вообичаени и имаат суштинско значење во еден демократски амбиент, двете страни мора да се свесни дека имаат политичка должност конструктивно да соработуваат, бидејќи споделуваат заедничка одговорност кон граѓаните.

Како воведничар на дискусијата беше Сергеј Кузњецов, раководител на Оддел IV, Венецијанска комисија, кое е советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања, кој даде вовед за актуелните случувања во Европа во врска со демократските институции и основните права.

Потоа, пратениците од двата парламента работеа во четири помали мешани групи на темата за улогата на владејачките партии и опозицијата во македонски и шведски контекст.   

На крајот, пратениците изразија надеж дека стекнатите знаења и искуства од соработката, ќе придонесат за натамошно консолидирање на демократијата во Република Северна Македонија. 

Click