Активности

Понеделник, 1 ноември 2021 година

НАТО парламентарци во работна посета на САД

Во заедничка организација на поткомитетите на ПС НАТО за отпорност и цивилна безбедност и за трансатлантски економски односи, од 25 до 29 октомври 2021 г. се одржа теренска посета на САД (Вашингтон и Њујорк), на која учествуваше заменик-членот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС НАТО, Марија Петрушевска, која е и член во овие поткомитети.  

Посетата беше конципирана како форум за непосредна размена на мислења и ставови со претставниците од повеќе меѓународни организации, институти за стратегиски истражувања, како и државни институции на САД. Во Вашингтон беа реализирани средби во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, Светска банка, Меѓународен Монетарен Фонд, со претставници на Истражувачкиот центар Пју, Брукингс Институцијата и РАНД Корпорацијата за истражувања и анализи. Посебни средби (под Chatham House Rules) беа остварени со претставници од Стејт департмент, со конгресмени и во ОН. 

Во Њујорк, во рамки на ОН, на парламентарците се обратија: претставници од Амбасадата на Турција при ОН, високи претставници на НАТО мисијата при ОН, од Програмата “ОН и жените” и од Кабинетот на Генералниот секретар од доменот на климатските промени. Парламентарците реализираа средба и брифинг со високи полициски службеници во полициската управа на Њујорк (NYPD).  

Во рамки на Програмата, беше реализирана и посета на Музејот и Меморијалот 9/11, при што парламентарците од ПС НАТО положија цвеќе на Меморијалот по повод 20-годишнината и во чест на загинатите при трагичните настани од 9 септември 2001 година. 

Во поздравното обраќање до делегацијата претседателот на ПС на НАТО, конгресменот Џералд Коноли, истакна дека „Алијансата се наоѓа во клучен момент, обележан со обновена геополитичка конкуренција“. Со оглед на фактот што НАТО ја вклучува оваа нова стратешка реалност во ревидираниот Стратешки концепт - главниот водечки документ за политика на Алијансата, кој шефовите на држави и влади на НАТО треба да го усвојат на Самитот во Шпанија во јуни 2022 година - претседателот Коноли ги повика колегите законодавци да го „зајакнат НАТО како Алијанса на демократии, ставајќи ги нашите заеднички демократски вредности во срцето на одговорот на НАТО на денешните предизвици“. Собранието препорача формирање, во рамките на седиштето на НАТО, на Центар за демократска отпорност како начин да се операционализира посветеноста на НАТО за заедничките демократски вредности, најдобри практики и вкрстено искористување на демократските одредници.

Во дискусијата во Светска банка, посветена на “Климатските промени и развојните предизвици”, пратеничката Марија Петрушевска праша кои се научените лекции од КОВИД кризата, за да делуваме поподготвено за идните предизвици кои претстојат глобално, но и со посебен фокус на послабите економии. Самјуел Маимбо, Директор на Програмата ИДА/Меѓународна развојна асоцијација при ЕБРД/СБ одговори дека примарно е инвестирањето во инфраструктурата, особено инвестирање во анализа и аналитички податоци, потоа финансирање со квалитетни финансиски инструменти и подобрување на мониторинг постапките врз кризите. Преку тоа може да се извлечат поуки и да се дистриубуираат пораките до засегнатите земји, бидејќи зачестеноста на кризите и нивната мултинационална димензија тоа го налага.

За време на посетата парламентарците се фокусираа на сложените транснационални закани со кои моментално се соочуваат сојузниците на НАТО. Тие вклучуваат традиционални воени предизвици, како и климатски промени, тероризам, сајбер-напади, дезинформации, пандемии и авторитарни ривали кои се обидуваат да ги поткопаат демократиите со цел да одржат авторитарна контрола врз демократијата. НАТО треба да се прилагоди на овие промени и тоа го поттикнува притисокот за ревидирање на неговиот стратешки концепт.
Во дискуиите по темите, сите парламентарци покажаа одлична интерактивност, изразија висок степен на заинтересираност за поставување прашања до експертите и другите високи претставници и се фокусираа на следните активности на Алијансата, вклучително и на ПС НАТО, во таргетирање на критичните точки и соодветен одговор.

***** ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и обединува 269 парламентарци од 30-те земји членки на НАТО, од 11 асоцијативни делегации, од 4 регионални и медитерански партнери, од 8 делегации  со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ), како и посебна делегација од Европскиот парламент, со што вкупниот број достигнува 360 парламентарци. Собранието воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поголема транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.Во својата работа, покрај седници на комисии, пленарни сесии, Рос-Рот семинари, Транс-атлантскиот парламентарен форум, заеднички состанок со Северноатлантскиот Совет, програми за нови парламентарци, ПС на НАТО вклучува и теренски посети на парламентарците од комитетите и поткомитетите, со цел in situ брифирање и аналитичко информирање за актуелните безбедносни предизвици во НАТО контекст.




Click