Активности

Понеделник, 21 јуни 2021 година

Обраќање на потпретседателот Мисовски за лансирање на новата Стратегија за соработка на Швајцарија 2021-2024

Почитувани,
Дозволете да изразувам благодарност од името на претседателот на Собранието, Талат Џафери и од лично име, како и од македонскиот законодавен дом, за интересот и ресурсите кои Швајцарската држава ги вложува во македонската демократизација и економскиот развој како и до заложбите и енергијата од нашите партнери: Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени и Институтот за демократија, во спроведувањето на Програмата за парламентарна поддршка, финансирана токму од Швајцарската конфедерација.

Мнозинството во парламентот со поддршка и на опозицијата, се зафатија со неколку реформски процеси за да го зајакнат Собранието како посебна законодавна гранка на власта во системот на организација на државна власт. Дијалогот меѓу партиите во парламентот, обидот за консензус меѓу опозицијата и мнозинството, го браниме, развиваме и промовираме како модел за добро владеење.

Во оваа наша борба за реформи за демократско владеење ние сакаме да се себе-регулираме и себе-управуваме исто како и напредните парламенти во светот. За да го оствариме тоа, сакаме да постигнеме 4 типа независности на Собранието, и тоа: административна, функционална, финансиска и безбедносна. Секоја од овие на различни начини влијаела како работи и што се случува во Собранието, и јас како пратеник со долгогодишно искуство можам да посведочам за сите настани и предизвици во минатото.

Административната независност, како што сте нотирале и Вие во стратегијата што денес ја предлагате, во делот за добро владеење, ја постигнавме преку донесените законски измени, со кои регулиравме статус и постапки за вработување на службата; дефиниравме однос со органите од извршната власт и спроведовме политика на задржување на персоналот во службата. Ова го дополнивме со агенда за дигитална трансформација, преку набавки на нови комјутери, мрежна опрема, автоматизација на потребите за преведување, и објавивме постапка за софтвер за материјално, финансиско и кадрово работење. Нашата девиза во овој дел беше,  најпрво да направиме темели во кадар и инфраструктура како основа над која подоцна ќе ги градиме другите аспекти од работата на Собранието.

За втората независност, финансиската независност на законодавната власт, изготвивме одредби кон предлог Законот за буџети, со кои Буџетскиот совет на Собранието самостојно ќе ги утврдува средствата и самостојно ќе одлучува за користење и прераспределба на истите, согласно своите стратешки цели и активности. Овој пристап даде можност да се дефинира односот и со Министерството за финансии и со извршната власт.

Функционалната независност за нас значи дека пратениците во Собранието носат закони, ги претставуваат граѓаните и вршат надзор и контрола над извршната власт, во согласност со уставот и законите.   Во остварувањето на овие надлежности ние сакаме претставничката функција да биде помогната со оперативни и целосно функционални канцеларии за контакт со граѓаните. Работиме на закодавен процес во кој се носат закони кои се претходно консултирани, и се носат во предвидлива агенда со календар на законодавни активности низ годината. Сметам дека системот за вршење на надзор и контрола над други носители на јавни функции е поставен, но, и дека треба да работиме на создавање на “култура на надзор и контрола”. Да се има план за јавни и надзорни расправи на годишно ниво е работа која ја поддржувам, но уште повеќе поддржувам примена на препораки и заклучоци од овие формати, за подржување на добрите пракси и превземање на одговорност за лошите пракси.

На крај, ние веруваме во безбеден парламент. Собранието сака да се себе-обезбедува. За таа цел внатрешното и надворешното обезбедување, процедури за интервенција на обезбедувањето во и околу зградата, синџири на команди, координацијата со МВР, безбедносни протоколи  итн. треба да се реформираат за да одговорат на потребите на Собранието,  за да парламентарното лидерство, кое и да е, има централна улога во тие постапки. Дополнително, утврдување на надворешниот периметар, слободни коридори за движење при протести пред Собранието, регулиран возен парк, влез и излез на возила и луѓе се исто така важни да се заокружи безбедносната димензија.

Парламентарните информации и припаѓаат на јавноста. Непомалку важен за нас е и концептот за Отворен парламент, кој низ конкретни чекори го спроведуваме преку усвоениот нов Акциски план 2021-2023 кон Партнерството за отворена власт; преку транспарентност на финансиските податоци; програми за вклучување на граѓани, на млади, на маргинализирани и групи со попреченост; и преку активности за реформа на собранискиот канал. 

Почитувани присутни,
Врз основа на ова, сакам да ја споделам нашата визија за улогата на Собранието во следните години а во светло на новата предлог стратегија на Швајцарија:

  • Како прво, Собранието го менува стратешкиот пристап со воведување на 5 годишен Стратешки план, наместо досегашниот три годишен. Ова значи дека периодот за наше заедничко стратешко дејствување се софпаѓа.
  • Главната визија за развој на Собранието треба да биде стратешката цел за дигитален парламент, односно во предвидлива временска рамка се она што може да биде модернизирано со напредни ИКТ решенија да го имплементираме. Ова е потребно како за рационализација на работата така и да се спроведат искуствата од ковид 19 пандемијата.
  • За нашите одлуки да бидат транспарентни и засновани на факти и информации, инклузивен парламент мора да остане приоритет. Учеството на граѓанското општество во работните тела и законодавниот процес ќе придонесе за поквалитетни и прифатливи законски решенија.
  • Собранието донесе и План за родова сензитивност 2020-2021, со активности за унапредување на родовата еднаквост во Собранието и преку законодавна дејност во другите сфери во општеството. Со оглед на тоа што родовата еднаквост е хоризонтална приоритетна тема во предлог Стратегијата, треба да се најде начин да се поттикне оваа тема во политиките кои се спроведуваат и соодветно спроведување на Планот.
  • Подобрување на функционирањето на Собранието, создавање култура на надзор и контрола, односот со ревизорските извештаи и сите други аспекти на деловничко подобрување на работата, кои меѓу другото се и предмет на дијалог помеѓу партиите и пратениците во процесот Жан Моне, е исто важен приоритет за Собранието.
  • На крајот, независноста значи и одговорност. Нашиот предизвик во иднина ќе биде да ги одржуваме административната и финансиската независност, да ја спроведеме на дело безбедносната и преку дијалог и консензус меѓу партиите да ја унапредиме функционалната независност.


Благодарам за времето


Click