Активности

Четврток, 15 април 2021 година, Љубљана

Обраќање на претседателот Џафери на 17. Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива на тема „Кон дигитално општество – можности и ризици за помладата генерација што влегува на пазарот на трудот“

Почитуван Претседател на Државниот збор на Република Словенија,г. Игор Зорчич,
Почитувани колеги, претседатели на Парламенти од регионот,
Дами и господа,

Дозволете да Ве поздравам сите што ја следите работата на 17. Конференција на Јадранско-јонската иницијатива и на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион, овојпат преку видео-конекција, која со оглед на околностите и условите што ги наметнува пандемијата со КОВИД-19, а со оглед на значајноста на парламентарната поддршка, е најбезбедниот и препорачан начин на одржување на ваквите настани. Оваа година, како и минатата 2020 година кога се навршија полни 20 години од оформувањето на оваа иницијатива, фокусот е насочен кон подобрување на развојот и зајакнувањето на безбедноста на земјите во регионот, продлабочувањето на соработката помеѓу земјите членки, каде што и Република Северна Македонија има свој удел, како земја која е во процес на интеграција во Европската унија. Од многуте темелни и специфични прашања кои се дискутираат на средбите, овој пат, фокусот е ставен на тема која се наметна на некој начин принудно, со оглед на потребата од одржување на физичка дистанца со цел почитување на препораките за спречување на ширење на пандемијата, односно, „Кон дигиталното општество - можности и ризици за помладата генерација што влегува на пазарот на трудот“. Секако дека оваа промена кон дигитално општество ќе дојдеше кога тогаш, имајќи го предвид новото време, забрзаниот технолошки развој, глобализацијата, потребата од неограничен пазар на трудот, што секако е во тесна корелација со подготовката за конкурентност на тој пазар, односно, образовната, стручната подготовка на младите генерации за успешно вклучување на тој пазар на трудот. Реално, младите се соочуваат со низа проблеми за влез на тој пазар од типот на несоодветност на стекнатите знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби, просечниот премин на младите лица од училиште на работа, што е околу 2,5 години, како и недоволниот и квалитетен број на слободни работни места. Тука се и младите кои се во меѓу период, односно, завршиле со образование, не се вработиле, не се на некоја доквалификација. А младите, како мотор кој што ги прави и води промените во општеството, се наша приоритетна обврска, односно, на креаторите на политиките и донесувачите на одлуките во земјите. Во тој контекст, во Република Северна Македонија, во 2016 година донесовме Национален акциски план за младите, во кој беа детектирани состојбите и насоките за делување за подобрување на состојбата на младите на пазарот на трудот и со цел да се намали стапката на невработеност, што е суштинско прашање за решавање, преку имплементација на квалитетни политики за вработување кои ќе предизвикаат долгорочен позитивен ефект во развојот на нашата економија, но, и со носење на посебни закони од областа. Дел од нив се: Имплементацијата на активни програми за вработување преку Оперативен план, воведување на Гаранција за млади, воведување на Младински додаток, донесување и имплементација на Законот за практиканство и Законот за младинско учество и младински политики. Предмет на уредување на Законот за младинско учество и младински политики се формите на младинско организирање и нивно учество во процесот на креирање политики токму за нив, меѓу другото, и поттикнување на нивниот личен, професионален и социјален развој. Од оваа перспектива, можам да потврдам дека со оглед на пандемијата на Ковид 19 која влијаеше директно негативно на состојбите со пазарот на трудот во Република Северна Македонија, сепак ефектите од имплементацијата на овие алатки може да се сметаат за успешни. Секако, пандемијата испровоцира и друга, позитивна реакција како одговор на наметнатите услови. Имено, се насочивме кон иновациите во борбата за развој и на некој начин „лекување“ на економијата која за жал доживеа силен удар, меѓутоа, меѓу нив сигурно не е ИТ секторот, секако, и оние кои брзо се прилагодија на новите околности и ги адаптираа своите услуги и производство. Во тој преод помогна многу Фондот за иновации и технолошки развој, преку КРЕАТОН, што е јавен повик наменет за креирање на дигитални алатки и решенија, преку нудење на ко-финансирани грантови за технолошки развој и надминување на последиците, јавни повици за иновациски ваучери со кои ја стимулираа академската заедница и јавен повик за брза реакција и дигитализација на општините. Основан е и Стартап совет и т.н. Фонд на фондови чиј приоритет е иницијативата за формирање Регионален фонд за иновации на ниво на Западен Балкан и привлекување на дигитални номади преку создавање на  услови со кои земјава ќе стане атрактивна дестинација за нив. Ќе бидеме една од ретките земји која на претприемачи од странство ќе им понуди можност да се преселат и да работат од овде што ќе донесе позитивен ефект за локалната економија и отворени шанси за соработка и вмрежување со домашните стартапи. Секако, не можам а да не го споменам и Бизнис Акцелераторот во УКИМ, верувам дека е познат на претставниците на академската заедница на оваа конференција и верувам дека дадената поддршка ќе произведе позитивни ефекти врз економското зајакнување, отворање на нови работни места и конкурентност на пазарите и во поразвиените земји.

Тоа што ме радува е што и во ова чудно време, Јадранско-јонската иницијатива продолжува да биде семејството во кое соработуваме регионално, споделуваме искуства, учиме и заедно ги надминуваме предизвиците и воедно го олеснуваме, прошируваме и овозможуваме слободното движење, учење, работење и надградување на нашите млади генерации кои се секако затекнати од наметнатите ограничувања поради пандемијата. Меѓутоа, дигиталното општество и зелената трансформација се реалност и што е најважно, нудат неограничени можности за раст и развој само ако си помагаме меѓусебно искрено. Тоа ќе ни помогне на сите да најдеме поповолен излез од сегашната здравствена, социјална и економска криза.

Почитувани,

На крајот, би сакал да изразам благодарност до нашиот виртуелен домаќин, Државниот збор на Република Словенија, колегата Зорчич за успешно организираната Конференција, со искрена верба дека нашата регионална соработка ќе продолжи да се надградува и развива за посветлата иднина на нашите млади и за целосна интеграција на регионот во Европската Унија.

Воедно, дозволете да им посакам успех на нашите соседи, Република Албанија за претстојното претседателство со Јадранско-јонската иницијатива и Стратегијата на Европската унија за Јадранско-јонскиот регион помеѓу 1 јуни 2021 и 31 мај 2022 година.

Ви благодарам на вниманието!

 

ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА

Click