Активности

Петок, 4 декември 2020

Обраќање на претседателот Џафери на конститутивната седница на Клубот за младински прашања и политики

Почитувани координатори на пратеничките групи,
Почитувана генерална секретарка Иванова,
Почитувани помлади колеги пратеници, и сите што се чувствувате млади,
Почитувани претставници на младинските организации,
Почитуван претставници на Фондацијата за демократија Вестминстер,
На Националниот демократски институт,
Дами и господа,

Драго ми е што денес, два месеци по Работната средба за пратеници, која всушност беше вовед во улогата и функцијата на Клубот за младински прашања и политики, Вие, мои драги млади колеги, се разбира со безрезервната помош на нашите драги пријатели од Весминстерската Фондација за Демократија и Националниот Демократски Институт, денес ја одржувате конститутивната седница на Клубот на новиот парламентарен состав. Драго ми е што можам како прв меѓу еднаквите, да го поздравам овој чин и да Ви посакам да имате навистина плоден и успешен мандат, а имате и солидна основа за да го направите тоа. Како што кажав и на работната средба, тука мислам на Законот за младинско учество и младински политики кој што беше усвоен со поддршка од сите пратенички групи во Собранието во Јануари 2020-та година, мислам на резултатите од работата на претходниот клуб во насока на промовирање и застапување на младинските интереси на меѓународните настани и со самото тоа актуализирање на Клубот, и на формирањето на Регионалната мрежа на Парламентите од Западен Балкан на Младински клубови, чија цел е поврзување на сите Клубови за младинската агенда да биде ставена високо во приоритетите на Унијата и на земјите од Западен Балкан. Покрај ова, билатералните младински канцеларии за соработка, кои се дел и обврска од имплементацијата на Договорот од Преспа се дополнителен импулс и енергија за воспоставувањето на интензивната взаемна соработка на младите од соседството, регионот и пошироко. Така што, ве упатувам да  ги искористите сите можности што ви се на располагање, да бидете отворени, да продолжите да се координирате и брифирате со институциите во однос на обврските произлезени од Законот за младинско учество и младински политики, за тоа дали успеваат да го спроведат како што е донесен, дали наидуваат на тешкотии, дали можеби има потреба да се направи измена или дополнување со цел да се прилагоди на ситуацијата на терен, затоа што се разбира, не секогаш теоријата соодветствува со праксата, а покрај тоа, ситуациите се менуваат, потребите се менуваат. Затоа е важна вашата улога како законодавци, да бидете нишката која ќе ги поврзува сите засегнати страни, за крајниот резултат да биде од полза за сите млади. Бидете нивниот глас, поддршка и врата на која ќе можат слободно да тропнат и да го споделат својот проблем.

Драги колеги,

За жал, ситуацијата со пандемијата на КОВИД-19, опасностите по здравјето на нашите граѓани, негативното влијание на здравствениот и економскиот систем, меѓутоа, и трајните последици кои ќе ги остави по начинот на живот, на работа, дружење и функционирање на целиот свет поради неопходните здравствени протоколи поради кои ги менуваме навиките, начините на функционирање и соработка, верувам дека ви се веќе воспоставено секојдневие. Треба да се навикнеме да го прифатиме тоа како нова реалност, односно да го намалиме физичкото присуство на минимум и да практикуваме и претпочитаме виртуелно одвивање на комуникацијата, што од друга страна, има огромна поволност, односно, можноста за допирање до многу поголеми таргет групи, и со самото тоа, споделување, информирање и ширење на позитивните искуства, соработки, настани и иницијативи. Секако, и поддршката што може да се добие е далеку поголема во овој случај. Затоа, се надевам дека во новата Програма за работа на Клубот за младински прашања и политики, ќе посветите доволен простор и внимание на оваа актуелна ситуација и дека своите активности ќе ги насочите во насока на градење на позитивна клима за работа, со усогласени и заеднички постигнати цели за исполнување во наредниот период на работа на Клубот

Почитувани колеги,

Дозволете да ви честитам на конституирањето и да Ви посакам да постигнете завидни резултати во исполнувањето на правата на младите, бидете инвентивни, креативни и истражувајте најразлични начини да допрете до младите и да го доближите Клубот за младински прашања и политики до нив. Бидете добар пример и за нив, и за нас повозрасните колеги во Собранието, а ние ќе бидеме до вас на секој ваш иден чекор и преземена иницијатива.

Ви посакувам успешна и плодна работа!

Ви благодарам на вниманието!

Click