Активности

Петок, 5 март 2021

Обраќање на претседателот Џафери на онлајн работилницата на тема Детски Парламент

Драги ученици,
Почитувани наставници,

Драги гости во Собранието на Република Северна Македонија, иако, гости на виртуелен начин за жал. Верувам дека на сите вас ќе ви беше многу позабавно доколку бевме во можност да ве пречекаме и физички тука, во зградата на законодавниот дом, каде одблиску ќе можевте да видите и да се уверите и самите дека тоа што го гледате понекогаш на телевизија, всушност е вистинска реалност која се одвива толку блиску до вас, и е толку достапно до сите вас. Меѓутоа, знам дека и вие, како и сите луѓе низ цел свет сте свесни за здравствениот ризик низ кој поминува цел свет и за здравствените протоколи кои мора да се следат со цел да се намали или целосно искорени пандемијата со КОВИД -19 и затоа замолувам за разбирање и трпение додека го победиме ова зло. Да се вратам пак на денешниот ден и причината за нашата денешна средба, односно работилницата и детскиот парламент. Јас сум сигурен дека ви е познато за што говорам, затоа што учењето за трите власти врз кои се темели и гради една држава е составен дел од образовната програма во основното образование, односно, законодавната, извршната и судската власт. Јас сум претседателот на Собранието, и сум прв меѓу еднаквите, што значи, дека и јас сум пред се пратеник, како и моите 119 колеги, само што во овој мандат, имам една одговорност плус, а тоа е, да бидам и претседател на сите пратеници, мои колеги и за мене ова претставува огромна чест и привилегија. При тоа, треба да бидам објективен, непристрасен, правичен и секогаш достапен и отворен за конструктивен дијалог, разговор и се разбира, поддршка. Моја одговорност е и да се грижам за функционалноста на Собранието и успешно и непречено вршење на основната функција, односно, носењето на закони, било да се тоа нови или пак изменети и дополнети закони. Зошто ни требаат закони? Затоа што без да имаме закони и законско уредување на секое прашање, на секое право, на секоја обврска на граѓаните кон државата и на  државата кон граѓаните, во земјата би настанал хаос и безредие.

Драги ученици,

Собранието, како претставнички дом на граѓаните е огледало и рефлексија на граѓаните на Република Северна Македонија што значи, во секој новоизбран состав на пратеници, имаме претставници од сите етнички заедници во земјава, така што има пратеници Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и други. Сите тие, во прв ред ги претставуваат граѓаните кои гласале за нив и ги избрале во изборните единици во кои се кандидирале. Тоа е така, затоа што секој пратеник, најдобро ја познава средината од каде што доаѓа. Ги знае проблемите со кои се соочуваат локално неговите сограѓани, соселани и е првиот и најповиканиот да го образложи и бара решението за проблемот тука, на централно ниво, било да се работи за потреба од изменување или дополнување на некое законско решение или пак донесување на некое сосема ново. Затоа што, тоа и е целта на законите, да го олеснат животот на граѓаните со тоа што ќе им овозможат еднакви права и обврски, правично и недискриминаторско третирање пред лицето на правдата, уживање на основните и универзалните права на човекот, кои се важечки во секој и најмал дел од нашата планета Земја. Потоа, овозможување на еднакви конкурентски можности за сите на пазарот на трудот, овозможување на еднакви можности за здравствена нега, образување, надградување и отворање на нови хоризонти на знаењето. Тоа ќе ги направи задоволни и лојални граѓани кои државата ја гледаат како свој дом и засолниште каде ќе можат да ги остварат сите свои цели, желби и планови за иднината. Верувам дека успеав да ви претставам донекаде колку е важна работата на пратениците во законодавниот дом. Сега, со оглед на тоа дека сме лицето на народот, се разбира дека треба да дадеме личен пример со тоа што ќе бидеме достоинствени, во се што правиме, односно, кога јавно се обраќаме на говорница, кога имаме дискусија или пак дебата за одредени прашања кои ги тангираат нашите граѓани или пак имаме реплики и контрареплики кон нашите колеги пратеници. Особено треба да водиме сметка за тоа како зборовите кои ги користиме, постапките кои ги правиме и говорот на телото што го практикуваме, како се одразува на нашите сограѓани, како тие го восприемаат секој збор, секој став или страна што ја заземаме. Затоа што, без оглед на тоа од која политичка партија доаѓаме, која програма ја подржуваме, нашиот патоказ секогаш треба да биде благосостојбата и еднаквоста на сите наши граѓани, обединувањето и заедничката борба за подобро утро. Нашата мотивација, треба да биде напредна, успешна и развиена Република Северна Македонија, земја во која владее демократијата и правдата, земја пример за добрососедство и соработка, силен поддржувач и  придонесувач во регионалниот и светскиот мир.

Драги деца,

Вие денес ќе учествувате на оваа работилница на која ќе играте улога на пратеник и ќе дебатирате  на темата „Онлајн настава наспроти наставата со физичко присуство“ и јас верувам дека ќе успеете да ја сфатите моќта на зборот, говорот и моќта која ја има еден закон. Нека биде ова само еден фрагмент во вашето патување наречено живот, само мал вовед во вашето активно учество во општествениот и политичкиот живот на земјата. Бидете добри во се што правите, бидете храбри во секоја одлука што ја донесувате и бидете горди на секоја добра работа што ќе ја правите во вашиот живот. Јас се радувам на денот кога некој од вас, охрабрен од денешната работилница, ќе одлучи да биде дел од законодавниот дом со јасна визија и зацртана цел – да го даде максимумот за најдоброто на нашата земја и нашите граѓани.

Ви посакувам успех и ви благодарам на вниманието!

Click