Активности

Четврток, 29 јули 2021 

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците по повод одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор

Почитуван прв заменик претседател на Влада на Република Северна Македонија, г. Артан Груби,
Почитувани министри и заменици министри во Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани координатори, колеги пратеници,
Почитувана претседателка на Комитетот за односи меѓу заедниците, г-ѓа Арбана Пашоли,
Почитуван народен правобранител, г. Насер Зибери,
Почитувани поранешни и актуелни членови на Комитетот,
Почитувана генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова,
Почитувани екселенции,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Драго ми е што денес и Собранието на Република Северна Македонија, со оваа свечена седница на Комитетот за односи меѓу заедниците како конкретно тело произлезено од Охридскиот рамковен договор, основано од Собрание, со надлежности утврдени согласно Амандманот XII од Уставот и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, што природно му дава за право да се вклучи, e дел од повеќедневното одбележување на 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор или Договорот на мирот, како што со право го нарекуваме. За тоа како дојде, и зошто дојде до потпишувањето на договорот во Охрид нема да говорам сега, затоа што, што и да кажам, ќе биде сто пати досега повторено. Тогашните политички претставници, со безрезервна поддршка и охрабрување од нашите меѓународни стратешки партнери и досега многупати докажани пријатели храбро, мудро и со далековидна визија помогнаа во постигнувањето на примирјето со отворен и непосреден политички дијалог во убавиот Охрид, град во кој што се постави новата структура за нашата меѓуетничка кохезија, со воспоставување на новите правила на општествена кохезија која ќе биде најцврстиот и најсолиден темел врз кој што ќе ја градиме сите заедно нашата евроатланска иднина. И тогаш имаше, и сега постојат лица кои не се потполно уверени во неопходноста, моќта, ефективноста и резултатите на овој договор меѓутоа, доколку бидеме целосно искрени пред себе и пред сите, нема да можеме да замижеме пред очигледната трансформација на нашето општество. 

Почитувани,

Како што спомнав и на почетокот на моето обраќање, основањето на Комитетот во 2002 година беше нов момент за сите нас, меѓутоа, ако погледнеме од денешна перспектива, беше најсоодветниот начин на овозможување на простор, време и место за искажување на потребите, образложување на состојбите, разгледување на прашањата кои на директен начин ги тангираа етничките заедници во нашата земја а чиј што взаемен однос или пак немање однос воопшто, претставуваше камен на сопнување и пречка за раст и развој на земјата, пречка за напредување, интегрирање и придонесување во регионалните, европските и светските процеси и делувања, а не можеш да придонесеш глобално, ако немаш мир и релаксирани односи внатре, дома, со взаемна почит на секој еден член на семејството, па бил тој и најмалиот. Ако размислуваме и гледаме објективно на тогашниот општествен дискурс, тажно е што мораше да се воспостави механизам со кој ќе се регулираат односите меѓу заедниците, обезбедувањето на правата на заедниците кои не се мнозинство во земјава, овозможувањето на правото на изразување и настава на свое писмо и јазик, правото на изразување на идентитетот и особеностите на етничката заедница во областа на културата, информирањето, издавачката дејност и други области и, имплементацијата на принципот на соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа. Велам тажно, затоа што сè се тоа толку природни и елементарни права кои не ни требаше да бидат на дневен ред, доколку сите бевме доволно свесни и растоварени од предрасудите, самобендисаноста и нереалното мислење дека некој има повеќе а некој помалку право да ја чувствува оваа мала но прекрасна земја своја и да ги ужива сите права и благодати кои ги нуди животот во Република Северна Македонија. Меѓутоа, горд сум што истрајавме и како што реков погоре, се трансформиравме како општество, созреавме како политичари, како граѓани, ни се отворија видиците и успеавме да ја согледаме големата слика, пред која стоиме заедно сите, со јасна заедничка цел пред нас - а тоа е, Република Северна Македонија да биде успешна приказна за напредна, современа парламентарна демократија, полноправна членка на НАТО и големото европско семејство, дом на сите припадници на различните етнички заедници, дом на сите граѓани!

Почитувани присутни,

Не би сакал да должам повеќе, само ќе му посакам на Комитетот успешна работа, што помалку жешки прашања за разгледување и нека биде во иднина форум на кој што ќе се радуваме и заедно ќе навиваме за успесите на нашата земја на спортски план, ќе се гордееме за височините достигнати на културен, уметнички план и ќе наздравиме за нашето полноправно членство  во Европската унија.

Ви благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.