Активности

Понеделник, 10 мај 2021 година

Обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на претседатели на парламенти на Европската унија на тема:„Предизвиците и можностите за репрезентативната демократија што ги носи јавната сфера која е променета со дигитализацијата“

Почитуван Д-р Волфганг Шојбле, претседател на германскиот Бундестаг,
Почитуван Д-р Рајнер Хаселоф, претседател на Федералниот совет (Бундесрат)
Почитувани колеги, претседатели на Парламенти од регионот,
Дами и господа,

Дозволете да Ве поздравам сите од просториите на Собранието на Република Северна Македонија, во неможност од наше среќавање во живо затоа што пандемијата за жал се уште наметнува мерки на претпазливост и почитување на протоколите. Сепак, без оглед на начинот на одвивање на оваа Конференција, од нашите домаќини, од почитуваните експерти добивме корисни воведни информации, во текот на сесијата ќе успееме да размениме искуства од нашите национални парламенти во актуелниот дискурс, ќе следиме добри презентации и ќе имаме појасна слика за тоа како оваа промена во јавната сфера со дигитализацијата влијае на репрезентативната демократија, колкав предизвик претставува за неа и кои се можностите кои ги нуди. Јас можам да потврдам една конкретна придобивка за Република Северна Македонија, имено, благодарение на дигитализацијата, во шпанскиот Сенат, во виртуелен формат беше ратификуван Протоколот за наше пристапување во Алијансата на НАТО со што беше заокружена постапката за нашето полноправно членство за што сме исклучително благодарни. 

Почитувани, 
Секако дека дигитализацијата ќе дојдеше кога тогаш, имајќи го предвид забрзаниот технолошки развој, глобализацијата, потребата од нелимитиран простор за истражување, работење, учество на глобалниот пазар на трудот, образованието, услугите и креирањето на јавното мнение по одредени конкретни меѓутоа и генерални прашања. Дигиталниот простор нуди нецензуриран простор за искажување на мислења водејќи сметка за слободата на говор, меѓутоа во исто време, е и плодна почва за ширење на говор на омраза, на лажни вести со цел креирање на погрешни и лажни слики за конкретни прашања и манипулирање со размислувањето на лицата кои се подложни на влијанија, кои не проверуваат факти и извори на вести и веруваат на сѐ што е сервирано на нет и со тоа стануваат дел од деструктивни и манипулаторски дејства и сили кои имаат матни и нејасни позадини. Спречувањето на овие негативни појави е обврска на надлежните национални органи, секако,  во тесна соработка со меѓународните органи. Но, не е помала должност и на сите институции, невладини организации и во крајна инстанца, на секој граѓанин поединечно да го даде својот ценет придонес. Собранието, претставничкиот дом на граѓаните има исклучително значајна димензија во овој контекст, имајќи го предвид разноликиот форум на политички претставници од различни провениенции, со различни програми и појдовни основи и идеологии. 

Со почетокот на пандемијата, и ние, како и целиот демократски свет, се соочивме со неможноста од нормално функционирање на законодавниот дом. Неопходноста од почитување на здравствените протоколи од една страна, итноста од донесување на измени во Деловникот за работа на Собранието, ситуациите на отсуства на пратениците поради заболување со КОВИД-19, наметнуваа тешки, понекогаш и невозможни услови за работа. Направивме обид да се прилагодиме на онлајн функционирање на Собранието, меѓутоа за жал, не наидовме на разбирање од опозицијата. Се уште кај одредени политички претставници има мислење дека само со физичко присуство, во пленарна сала, ќе може да се допре вистински до граѓаните, нешто со што јас не се согласувам. Дел од активностите на Собранието, како соработка со невладините организации, работилници, учество на конференции се одвиваат онлајн без никаква пречка. Во меѓувреме, пратениците и службата се вакцинираа и веќе е аплицирана и втората доза така што, верувам дека кон крајот на месец мај веќе ќе бидеме во полн состав и ќе можеме да ја нормализираме работата на законодавниот дом. Меѓутоа, сакам да нагласам дека, без оглед на начинот, наша должност е секогаш да бидеме пример за водење на аргументиран културен дијалог, искажување проверени факти и вистини кои знаеме дека влијаат врз нашите граѓани и нивната перцепција и доверба во институцијата.

Почитувани, дозволете да изразам благодарност до нашиот виртуелен домаќин, германскиот Бундестаг и Бундесрат за успешно организираната Конференција, со искрена верба дека парламентите ќе продолжат да играат клучна улога во унапредувањето на нашите општества, поддршка на регионалната соработка и полесно справување  со предизвиците што  ги носи иднината за да се отвори и олесни патот за нашите граѓани и нивното интегрирање во семејството на Европската Унија.

Ви благодарам на вниманието!

Click