Активности

Петок, 1 октомври 2021

Обраќање на претседателот Џафери на вебинарот на тема: „Подобрување на соработката меѓу парламентите и новинарите за поголема отчетност и транспарентност“ 

Почитувани колеги пратеници,
Почитуван претседател на Здружението на новинари на Република Северна Македонија, г. Чадикоски,
Почитуван претставник од Советот на Европа, г. Пеник,
Почитувани претставници и новинари на Здружението,
Претставници од меѓународните и невладините организации,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Сакам, во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да ја поздравам работата на овој денешен вебинар за кој верувам дека ќе ја потврди претставата што ја имаме за соработката меѓу законодавниот дом и новинарите меѓутоа, ќе ги даде и одговорите за можните сегменти каде и на кој начин може да се подобри таа соработка. Овој вебинар го гледам на некој начин и како продолжение на дискусијата после јулската работна средба што ја имавме со вас почитувани новинари за координација на медиумските политики и реформи и верувам дека ова е јасен индикатор за мојата достапност и волја за соработка,  секако и на колегите пратеници и на Собранието впрочем. Знаете дека заеднички став на претседателството е Собранието да биде секогаш отворено и достапно за вас, преку вас за граѓаните, за невладините организации и се разбира меѓународната јавност. И сами знаете дека меѓу вас има група акредитирани специјализирани известувачи за Собрание, и тоа не е од сега туку отсекогаш постоело, и реално вие сте дел од нашата институција затоа што се среќаваме редовно по собраниските ходници и сали. Покрај тоа, јас сум воспоставил редовен месечен брифинг на кој што ве поканувам редовно, при тоа никогаш не сум правел селекција ниту пак исклучување на некој одреден новинар или пак медиумска куќа од присуството на тие заеднички средби. Потврда на овој исказ е и самата анализа и изјавите на вашите колеги новинари кои немаат забелешки во тој дел, освен можеби во делот дека брифинзите треба да бидат свикани и надвор од тој циклус, односно кога се појавува прашање кое буди голем интерес кај граѓаните.

Јас сум свесен дека ваша должност е да имате информација која би ја пренеле најбрзо што може до граѓаните, вашите читатели. При тоа, информацијата треба да биде веродостојна, потврдена од официјални извори, поткрепена, односно со добиени искази од сите инволвирани страни по одреденото прашање. Е сега, јас како Претседател на Собранието, можам да го искажам мојот став и знаете дека го правам тоа, меѓутоа, не можам ниту смеам да влијаам на другите колеги пратеници во однос на тоа како тие ќе постапат. Секој од нив има свое лично мислење во однос на тоа како и колку ќе биде присутен во јавноста. Не сакам да навлегувам во тоа дали секој пратеник смее или кој смее да искажува став по одредено прашање, тоа е прашање на секоја пратеничка група индивидуално, иако, по мое, со самото тоа што сме добиле легитимитет од граѓаните да ги застапуваме во Собранието, демократското право, личниот интегритет, размислување, на крајот на краиштата и идеологијата што ја застапуваме, би требало да бидат доволни за да можеме да искажеме став. Многу е важно да се сфати дека пратениците се исто така обични луѓе чиј што живот наеднаш станува јавен и разбирливо е дека не секој веднаш се снаоѓа во таа улога, особено во делот комуникација со новинарите, медиумите. Факт е дека со помош на нашите донатори и меѓународни партнери се организираат разно разни работилници на кои се работи на нивниот јавен настап и комуникација, меѓутоа, не помалку важна е и улогата на новинарот во овој сооднос. Имено, ако е целта добивање на став, прашањата мораат да бидат јасни и недвосмислени, а одговорите треба да бидат точно и веродостојно пренесени за да не дојде до ситуација на коригирање или демантирање на исказ кој што во меѓувреме секако ќе направи штета, било на пратеникот, пратеничката група а се разбира, и на медиумот, затоа што сите страни треба да водат сметка за својот кредибилитет.

Знам, не секогаш сте во можност да добиете снимен видео материјал, и јас жалам што заради пандемијата мораа да бидат наметнати вонредни протоколи за работа од страна на здравствените институции, меѓутоа, и ние како законодавци моравме да се прилагодиме а сепак да ја задржиме функционалноста на институцијата. Заради таа причина, а се разбира со цел заштита  на општото здравје и спречување на понатамошното ширење на вирусот, се забрани присуството на новинарите на комисиските седници, на пленарните седници, со што автоматски се оневозможи вашиот директен физички контакт со пратениците и знам дека тоа беше огромен хендикеп. За жал, единствениот можен директен пренос беше само од пленарните седници кои исто така ги одржувавме во Салата под купола во која пак немавме можност за електронско гласање што исто така претставуваше хендикеп, и од Сала Борис Трајкоски кога имаше седница Комисијата за финансирање и буџет. За жал, остана медиумски непокриена работата на сите преостанати работни тела и свесни сме дека тоа отвори простор за менување на мислењето во однос на транспарентноста во работењето на Собранието. Знаете дека имав обид, поучен од примерите во другите парламенти, да се префрлиме на онлајн работење, со цел да се одржи функционалноста на институцијата, меѓутоа, како што знаете, тој обид пропадна и се инсистираше на физичко присуство на пратениците во салите. Знаете како се перципираше доаѓањето на двајцата пратеници од домашна изолација на работа во Собранието. За жал, ниту пратениците не се имуни на вирусот и се соочувавме со огромни тешкотии во работењето и обезбедувањето на кворум за работа.

Сепак, имајќи ја секогаш на ум транспарентноста во работењето, при тоа свесни дека тоа е проблем со кој се соочуваат сите институции, иако уникатноста на законодавниот дом не може да се спореди со ниту една друга институција, постојано бевме во потрага по нови решенија кои ќе овозможат надминување на техничките препреки за транспарентноста и за среќа, до нас се нашите долгогодишни донатори и партнери, Програмата за парламентарна поддршка и се разбира, Националниот демократски институт со чија помош ќе се воспостави собраниско ТВ студио со богата програма од собранискиот живот, со интервјуа на пратеници и приближување на предложените законски решенија до граѓаните на едноставен и разбирлив јазик, односно, каков реален импакт во реалниот живот на граѓаните ќе произведе одредено законско решение. Ќе се овозможи и стриминг на комисиските седници што секако во огромна мера ќе ја долови вистинската атмосфера и тек на расправата. Во план е надградба на веб страницата на Собранието, по примерот на, се надевам барем донекаде, со естонскиот парламент и јас сум убеден дека сите овие активности што се во план за наредниов период, ќе го доближат законодавниот дом до Вас почитувани новинари, до граѓаните и целата меѓународна јавност и ќе го подобрат впечатокот за Собранието на Република Северна Македонија. Сепак, за поединостите ќе оставам простор да говори претставникот од Националниот демократски институт.

Тука би застанал, Ви благодарам на вниманието!

Click