Активности

Сабота, 12 јуни 2021, Тетово

Обраќање на претседателот Џафери на церемонијата за промоција на седумнаесеттата генерација апсолвенти на УЈИЕ

Почитувана министерке за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска, 
Почитуван министер за финансии, г. Фатмир Бесими,
Почитуван ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Абдулменаф Беџети, 
Почитуван претседател на Одборот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Клаус Тохтерман,
Почитувани амбасадори, 
Почитувани декани, редовни и вонредни професори, 
Почитувани студенти и родители,  
Почитувани претставници на медиумите, 
Дами и господа,

Денес е значаен ден за Универзитетот, за академскиот кадар и пред сѐ, за студентите на седумнаесеттата генерација на апсолвенти на Универзитетот на Југоисточна Европа и гордите родители и јас сум почестен што денес сум во можност  во мое лично име во својство на Претседател и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да ве поздравам и да ви честитам за постигнатиот успех, за заокружувањето на првиот циклус од вашето високо образование, со желби знаењето, сознанијата, навиките што ги стекнавте во овој сегмент од вашето патешествие да бидат темел, или сигурна, солидна и силна основа врз која ќе продолжите да се усовршувате, да се развивате и специјализирате во вашиот професионален живот и кариерен развој.

Драги студенти,

Знам дека оваа академска година, како и претходната, продолжува да биде различна од традиционалните школски години, со предавања и испити со физичко присуство, со вашето меѓусебно дружење и практикување на сите оние ритуали кои се неделив дел и карактеристика и најпосакуваниот и впечатлив дел на студентскиот живот, меѓутоа, не го преживувате ова само вие. Ова е глобален предизвик, криза која ги фрли на колена здравствените системи, економските столбови на секоја земја, образовните и институционални системи воопшто и истовремено, ги стави на тест нашата физичка и психичка подготвеност за прилагодување кон новите услови, наметнати меѓутоа секако, неопходни за да се излезе од оваа состојба на пандемија што е можно побрзо и со што помали човечки и материјални последици.

Меѓутоа, има една вистина. Универзитетот на Југоисточна Европа, со сиот интелектуален, научен, напреден и секако, материјален капацитет, несомнено е подготвен и за оваа вонредна состојба и вие, драги студенти, убеден сум дека не сте изгубиле ништо од квалитетните предавања, редовните консултации и постојаниот пристап до академскиот кадар и студентските служби. Што значи дека Вие сте подготвени, опремени со знаење и со сите атрибути што ги красат успешните студенти, да се соочите со животот, со предизвиците што ги носи животот и новите и непознати работи на кои ќе наидете во вашиот професионален живот. Покрај тоа, доколку вашата жед за нови сознанија, понапредни, дури и се уште неоткриени е се уште присутна во вас, тогаш, ви посакувам да го продолжите вашето патување на уште повисоко образовно усовршување, на проширување на бескрајните хоризонти на знаењето и со тоа, ќе се почитувате себеси, ќе оддадете почит на вашите родители, вашите професори и сите нас.

Нема сомнение дека вашето усовршување, ќе биде додадена вредност во квалитетот на живот во нашата земја, со ценетиот придонес што вие драги студенти, идни професори, архитекти, информатички инженери, правници, економисти, наставници, педагози, зошто не и политиколози, филолози и филозофи ќе го дадете со вашата секојдневна работа во различните сфери на општествениот живот во Република Северна Македонија.

Јас Ви посакувам успешен и светол пат!

Ви благодарам на вниманието! 

Click