Активности

Понеделник, 14 јуни 2021

Образованието еден од глобално најпогодените сектори од пандемијата 

На 12 јуни 2021 година, во организација на Косовскиот парламент, се одржа состанокот на Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на тема „Предизвици од пандемијата КОВИД-19 во секторот за образование во регионот и подготовки за постковидниот период“.

На состанокот учествуваа делегации од: Турција, Словенија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово и Хрватска.

Состанокот се одржа на виртуелна платформа и го водеше пратеникот во Собранието на Косово, Антон Куни, истовремено член и претседател на Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука на ПС на ПСЈИЕ.

На состанокот учестуваше Хусни Исмаили, пратеник на Собранието на Република Северна Македонија и член на Генералната комисија за социјален развој, образование, истражување и наука на ПС на ПСЈИЕ.

Тој во своето обраќање истакна дека  образованието е еден од најтешко погодените сектори од пандемијата на глобално ниво. Затворањето на училиштата се очекува да ги зголеми празнините во учењето и да доведе до широко распространети загуби во учењето. Понатаму, тој укажа дека инвестирањето во луѓето преку образованието станува уште поважно по КОВИД-19 пандемијата, со цел обезбедување одржлива иднина. Затоа, заштитата на инвестициите во човечкиот капитал на помладата генерација е од суштинско значење во овој период на криза.

Исмаили укажа дека Република Северна Македонија во соработка со канцеларијата на УНИЦЕФ спровела истражување со сите засегнати страни (родители, наставници, директори и ученици) за искуствата и ставовите поврзани со учењето на далечина. Ова истражување е основ за креирање на политиките во државата во постковид периодот.

Врз основа на овие истажувања, во Северна Македонија е изготвена и донесена нова Концепција за основно образование, која ќе се применува од учебната 2021/2022 година, согласно која наставата ќе се ориентира кон продлабочено и смислено учење, базирано на критичко мислење и логичко размислување. Концепцијата ги дефинира како приоритетни интересите и потребите на учениците и нив ги става во фокусот на основното образование. Концепцијата ќе се имплементира етапно, почнувајќи со учениците во прво и четврто одделение во основно образование, за кои се изготвени и нови наставни програми.

Образовните институции во Република Северна Македонија треба да направат планови за потенцијално делумно или целосно повторно отворање на училиштата за следната учебна година. Во овој временски период, исто така, е од суштинско значење да се забрзаат програмите за вакцинација за да се заштитат од вирусна инфекција. Во таа насока, релевантните институции во Република Северна Македонија веќе работат на анализи за отворање на училиштата за следната учебна година, следејќи ги препораките на Светска банка, Уницеф и Унеско. Наставниците во земјава се една од приоритетните групи за вакцинирање и оние кои држеа настава со физичко присуство беа во втората група за вакцинирање веднаш по здравствените работници и постарите лица со хронични болести.

Потенцираше дека технологијата може да игра клучна улога во правењето на образовниот систем поотпорен и поефикасен. За таа цел во Северна Македонија веќе се работи на неколку програми за обезбедување на дигитализација во образованието: за прв пат од следната учебна година учебниците за учениците во четврто одделение ќе бидат дигитални, со интерактивни содржини. За учениците со попреченост и учениците од ранливите категории ќе се обезбедуваат дигитални уреди во насока на намалување на дигиталниот јаз во образованието.

Во продолжение на состанокот, претседателот на Комисијата, Антон  Куни, го сумираше извештајот „Ковид-19 предизвици“ во секторот за образование и патот напред за образованието по Ковид-19 во Југоисточна Европа, дизајниран како средно истражување и кратко истражување спроведено со поддршка на мрежата на активни невладини организации во секторот за образование во регионот на Југоисточна Европа.

Свои обраќања на состанокот имаа и заменик-министерот за образование, наука, технологија и иновации во Владата на Република Косово, Дукаѓин Пуповци, кој им се обрати на учесниците, како и Умут Ергезер, координатор на Советот за регионална соработка (РСС).

Во својот говор, Пуповци ја презентираше моменталната состојба во областа на образованието, технологијата и науката, со посебен акцент на состојбата и организацијата на образованието во услови и околности на пандемијата на Косово.

Од друга страна, Ергезер ја претстави Стратегијата за Југоисточна Европа во 2030 година: „Кон инклузивно квалитетно образование и социјален развој во Југоисточна Европа и улогата на парламентите во контекст на стратегијата на ЈИЕ 2030 година“.

Нацрт-извештајот и Нацрт-резолуцијата беа поздравени од делегациите учеснички, но, во отсуство на кворум, не можеа да бидат усвоени. Истите ќе бидат ставени на усвојување во рамките на Осмата пленарната сесија на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 21 до 23 јуни во Анталија, Турција.

Click