Активности

Петок, 30 јули 2021

Одбележан Денот на холокаустот врз Ромите - сеќавање на нештата кои веќе никогаш и на никого не смеат да се случат!

По повод одбележувањето на Денот на холокаустот врз Ромите, Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, одржа работна средба, на која свое излагање имаше координаторката на Групата, Љатифе Шиковска.

Таа потсети дека денеска се навршуваат 77 години од геноцидот над 3.000 Роми кои биле ликвидирани во нацистичкиот логор Аушвиц-Биркенау, во периодот од 31 јули до 2 август 1944 година. Не постојат податоци за точната бројка на ромското население пред геноцидот. Се претпоставува, рече Шиковска, дека тогаш биле изложени на малтретирање, понижување и сурово однесување околу 300.000 до 500.000 Роми низ различни делови на Европа, па и во пределите на денешна Република Северна Македонија.

Во продолжение, координаторката Шиковска даде кус осврт низ историјата, почнувајќи од почетокот на 70-те години, кога активисти и истражувачи кои се дел од поширокото движење за правата на Ромите, се залагале за признавање на овој геноцид. Во 1982 година германските власти официјално ги признале кривичните дела против Ромите во текот на Втората светска војна, а триесет години подоцна, канцеларката Ангела Меркел, го отворила и спомен-обележјето посветено на геноцидот врз Ромите во Берлин.

На 8 април 2015 година, Европскиот парламент усвоил резолуција во која се бара 2 август да биде прогласен за европски ден на сеќавањето на холокаустот врз Ромите, со цел чествување на жртвите од геноцидот врз Ромите од Втората светска војна. Во оваа насока, Шиковска потенцираше дека и таа ќе се залага овој ден да биде официјален ден на сеќавање на жртвите на холокаустот на Ромите, а нашата држава, како демократска и мултинационална, да даде свој придонес на тој начин што во учебниците по историја ќе бидат вклучени информации поврзани со геноцидот врз Ромите. Исто така, побара да се вложат напори да се изгради спомен-обележје на жртвите Роми од холокаустот, како спомен на сеќавање на нештата кои веќе никогаш и на никој не смеат му се случат.

„Гледајќи напред, но не заборавајќи го минатото, ние како императив, треба да се стремиме да постигнеме - ‘Едно општество за сите’, но почитувајќи ги и разбирајќи ги маките и загубите кои ги имале и Ромите во едно општество и време кое никој од нас на никого не му го посакува. Насекаде во Европа и светот потребно е да испратиме порака тој мрачен период во историјата на човештвото дека не смее да се повтори. 2 Август нека биде сеќавање на лошото минато, но истовремено нека биде поттик за градење соживот, заеднички просперитет, иднина од која сите ќе имаме придобивки, општество - едно и еднакво за сите“, истакна Шиковска.

На крајот, таа, од свое и од име на членовите на Групата, му се заблагодари на долгогодишниот медиумски работник Зоран Димов за помошта за прикажување на документарен филм во сеќавање на жртвите од холокаустот врз Ромите.

Click