Активности

Петок, 5 ноември 2021

Одбележан Светскиот ден на ромскиот јазик

По повод одбележувањето на 5 Ноември - Светскот ден на Ромскиот јазик, Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, одржа работна средба, на која свое излагање имаше координаторката на Групата, Љатифе Шиковска.

Таа истакна дека овој ден, 5 Ноември, УНЕСКО го прогласи како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година. Тоа е чин со кој е дадена уште една причина повеќе да се одбележува и чува ромскиот јазик и култура за да се препознае важноста и еднаквоста на сите јазици. Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски и културни процеси и широк спектар на влијанија и општествени заложби. Одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, е чин кога сите ја одбележуваме културата на Ромите како дел од богатството на целото човештво. 

Во продолжение, координаторката Шиковска ја посочи важноста на ромскиот јазик за Ромите во целиот свет, бидејќи денес во светот овој јазик го зборуваат најмалку 12 милиони говорници. Тоа е некаде околу 60% од сите Роми во светот. Ромскиот јазик денес е јазик кој ги надминува државните граници и сведочи за една необична полуномадска култура наследена од минатото, а жива и влијателна и во современите цивилизациски услови. Ромскиот јазик опстојувал и опстојува и денес во многу држави, наспроти фактот што не постојат институции за негова заштита, проучување и афирмација. 

Кога станува збор за ромскиот јазик и култура, значаен придонес кон кодификацијата на ромскиот јазик за Ромите во Република Северна Македонија, но, индиректно, и за Ромите во Европа, па и во светот, заслужни се професорите Шаип Јусуф и д-р Љатиф Демир.

Координаторката Шиковска во завршното обраќање упати надеж и цел до следната година, сите заедно, да го одбележат отворањето на катедра за ромски јазик и книжевност во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Bahtalo o 5-to Novembro Internaciobalno dive tari Romani chib.

Нека е честит Денот на јазикот на Ромите!

Click