Активности

Петок, 1 октомври 2021

Онлајн консултативна средба на Комисијата за образование, наука и спорт со НАкС

Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието, имаше онлајн консултативна средба со претставници на Независниот академски синдикат (НАкС). 

На средбата беа презентирани три документи за три јавни политики изработени од експерти на НАкС. Документите се однесуваат на унапредување на квалитетот и на наставата во високото образование и за присуството на академскиот кадар во јавноста. При презентацијата на овие документи од страна на еминентни претставници на НАкС, истакната беше целта на јавните политики кои се промовираат во овие документи, а тоа е подобрувањето на квалитетот на нашето високо образование и намалување на јазот со високото образование на европските универзитети. 

Свои дискусии имаа претседателката на Комисијата, Жаклина Лазаревска и членот на Комисијата, Бисера Костадиновска-Стојчевска, при што изразија задоволство Комисијата како надлежно парламентарно тело за високото образование да биде вклучена со свои мислења во однос на подготвените документи.

Средбата е оценета како многу корисна за согледувањето на состојбите и имплементацијата на Законот за високото образование, по неговото донесување во 2018 година, а со тоа и основа за натамошен ангажман за дообликување на законските решенија во нашето приближување до европските високообразовани стандарди. Особено е задоволството во делот на креирањето на политиките засновани врз податоци како добра основа за креирање на аргументирани економски политики. Во насока на поголема достапност и користење на научните трудови, предложена е подготовка на национална дата база на сите научни трудови, како еден вид ризница на научните истражувања.

Click