Активности

Петок,  15 јануари 2021

Онлајн презентирани наодите од анализата на Деловникот и Законот за Собрание од аспект на родот и различностите

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република С. Македонија заедно со Клубот на пратенички, а во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје одржa онлајн презентација на наодите од анализата на Деловникот и Законот за собрание од аспект на родот и различностите изработена од експерти на ОДИХР.

Оваа активност е дел од  Планот за унапредување на родовата сензитивност на Собранието 2020-2021, а наодите и препораките ќе му послужат на законодавниот дом за надградување на овие два документи со родово-сензитивни одредби.

Поздравни обраќања и воведни забелешки имаа Гордана Сиљановска Давкова, претседателка, Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Лолита Ристова, претседателка, Клуб на пратенички и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието. 

Понатаму општи забелешки на коментарите за Деловникот даде Надика Рајаратнам, правен офицер од ОДИХР, а клучните наоди и предлог препораки од деловите 4 и 5 содржани во коментарите за Деловникот ги презентираа Алис Томас и Недим Хоџиќ.  

Анализата има за цел да се поддржи Собранието на Република Северна Македонија во заложбите за спроведување реформи со цел јакнење на парламентарната демократија и унапредување на родовата еднаквост.

Учесниците на презентацијата ги препознаа реалните заложби и значителните достигнувања за да се обезбеди (и со закон и во пракса) родова еднаквост, сепак забележувајќи дека  Деловникот и Законот за Собранието може и понатаму да се подобруваат особено што постоечките одредби може да се прошират за да се зајакне правната основа за промовирање на родовата еднаквост во работата на Собранието, во Собранието како работно место, потоа во законите коишто ги донесува Собранието и во поддршката на пратениците за прашањата поврзани со родот. 

Нови одредби коишто се однесуваат на работното опкружување во Собранието треба да се воведат со цел ефективна превенција од родово-базирана дискриминација и вознемирување, а работните процедури на Собранието треба да се зајакнат и родово да се сензибилизираат и да се отсликаат во законодавниот процес. Toa особено би вклучило и проценка на влијанијата од предлозите за законите од родов аспект, подобрување на механизмите за инклузивно учество на јавноста и обезбедување ресурси за постоечките тела да прават родова проценка на законите и другите акти. 

Click