Активности

Петок, 15 јануари 2021

Онлајн состанок на пратеничката Моника Зајкова со литванската пратеничка Лаима Луција Андрикиене

Пратеничката Моника Зајкова, претседателка на Пратеничката група за соработка со Балтичките земји, одржа онлајн состанок со Лаима Луција Андрикиене, претседателка на Интерпарламентарната група за соработка со земјите од Западен Балкан на Литванскиот парламент.

Пратеничката Зајкова искажа задоволство од одржувањето на состанокот меѓу претседателките на двете групи за соработка. Таа ја информираше својата соговорничка за најновите парламентарни активности во Собранието, при што  потенцираше дека фокусот е ставен на донесување на законот за попис на населението кој се очекува да се спроведе во текот на оваа година, при што ќе може да се дефинираат идните развојни политики во државата. Исто така, истакна дека во земјата се спроведуваат реформи од областа на правосудниот систем и други потребни реформи поврзани со отпочнување  на преговорите со ЕУ. Таа предложи соработка меѓу младите парламентарци на двата парламента, со можност за дефинирање на идната соработка со теми кои ќе бидат во интерес на двете страни. 

Пратеничката Андрикиене се интересираше за политичките и општествените случувања во земјата. Истакна дека Северна Македонија направила многу во однос на потребните реформи за приближување кон ЕУ, при што изрази големо незадоволство од одложувањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Таа потврди дека е голем пријател на земјата и предложи натамошно интензивирање и продлабочување на соработката меѓу двете земји. Истакна дека ковид пандемијата силно ја погодила Литванија, но процесот на вакцинацијата на населението е отпочнат и дека очекува нормализација на состојбите од септември годинава. 

На крајот, двете соговорнички оценија дека односите меѓу двете земји се пријателски, а Литванија дава целосна поддршка на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија и дека гледа на политиката на проширување на ЕУ како на една од најуспешните политики на Унијата. Со цел интензивање на соработката, тие се договорија за организирање на нов онлајн состанок меѓу членовите на групите за соработка на двата парламента во  текот на идниот месец.