Активности

Четврток, 4 март 2021 година

ОНЛАЈН СОСТАНОК НА ПРАТЕНИКОТ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНДРЕАС ШИДЕР 

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски денес одржа онлајн состанок со европратеникот Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија. 

На средбата се разговараше за односите меѓу нашата држава и Европската унија, соработката меѓу Европскиот парламент и Собранието, можностите за почеток на пристапните преговори со ЕУ, динамиката на клучните реформи во земјата и актуелната политичка ситуација во државата. 

На почетокот двајцата соговорници ја поздравија можноста да одржат заеднички виртуелен состанок во насока на запознавање и остварување на идна соработка.

Европратеникот Шидер се интересираше за начинот на кој функционира Националниот совет за евроинтеграции и предизвиците кои се пред ова тело. Николоски го запозна со составот на Советот кој претставува широк спектар на учесници од општеството- законодавната, извршната власт, стопанските комори, религиозните заедници, граѓанскиот сектор, кои учествуваат во градењето на консензусот со кој одлучува Советот.

Шидер ја нагласи важноста за продолжување на соработката меѓу европратениците и пратениците од Собранието, во рамки на Жан Моне Дијалогот со вклученост на сите политички партии и дебата за сите клучни прашања и предизвици.

Николски исто така изрази поддршка за продолжување на разговорите во рамки на Жан Моне Дијалогот, меѓу партиите од власта и од опозицијата во Собранието, во насока на надминување на актуелните предизвици.  

Двајцата соговорници разменија мислења за клучните реформи во правосудството, борбата против корупцијата, примената на законодавството, за пристапот до системот за образование на лицата со посебни потреби, како и за претстојните локални избори годинава.  

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.